11 јануари 2013 год.- храм на св. Петка во скопската населба, Црниче
Свето Евангелие од светиот апостол Матеј (зач. 4)
А штом си отидоа мудреците, ете, ангел Господов му се јави на Јосифа в сон, велејќи: „Стани, земи Го Младенецот и мајка Му, па бегај во Египет и остани таму дури не ти кажам, бидејќи Ирод ќе Го бара Младенецот за да Го погуби.“ И тој стана, Го зеде Младенецот и мајка Му ноќно време, па отиде во Египет. И таму беше до смртта Иродова, за да се исполни реченото од Господа преку пророкот, кој вели: „Од Египет Го повикав Синот Свој.“ Тогаш Ирод, кога виде дека мудреците го измамија, се разгневи многу и прати, та ги уби сите младенци во Витлеем и по целата негова околина од две години и помали, според времето што точно го беше узнал од мудреците. Тогаш се исполни кажаното преку пророкот Јеремија, кој говори: „Глас се слуша во Рама, плач и ридање, и пискот голем: Рахил плаче за своите деца и не сака да се утеши, зашто ги нема.“ А по смртта Иродова му се јави на Јосифа насон во Египет ангел Господов и му рече: „Стани, земи Го Младенецот и мајка Му, и отиди во земјата Израилева, зашто изумреа оние што ја бараа душата на Младенецот.“ Тој стана, Го зеде Младенецот и мајка Му, и дојде во земјата Израилева. Но, кога чу дека во Јудеја царува Архелај, место татка си Ирода, се уплаши да отиде таму; и, откако доби вест в сон, тој замина во пределите Галилејски. А кога пристигна, се насели во градот наречен Назарет, за да се исполни кажаното преку пророците дека Он ќе се нарече Назареец.
На 11-ти јануари 2013 година, во триесет и втората недела по Педесетница, кога Светата Црква молитвено го празнува споменот на Светите четиринаест илјади младенци во Витлеем, во храмот на св. Петка во Скопје се отслужи Божествена Литургја. На Литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
По светата Литургија се отлужи парастос за упокоени и сите заедно се помоливме за душите на упокоените чеда Божји.
Преминпортал (к.т.)
11 јануари лето Господово 2013