Кон крајот на месец декември 2012 година, Националната и Универзитетска Библиотека „Свети Климент Охридски„ – Скопје, донираше 130 книги на библиотеката при храмот „Света Петка„, Црниче, Скопје, со цел обновување и збогатување на книжниот фонд, како и заживување на работењето на црковната библиотека. Имено, се работи за 130 наслови од реномирани македонски автори чии што дела се отпечатени во рамките на проектите на Министерството за култура за обновување на книжниот фонд во Република Македонија и кои понатаму ќе се преведуваат на шест светски јазици.
На средбата одржана помеѓу парохискиот свештеник Жарко Ѓорѓиевски и директорот на НУБ, г-дин Миле Бошески, покрај договорената и реализираната донација беше ветено дека соработката и понатаму ќе продолжи, со цел македонските храмови во своите библиотеки да ја зачуваат и продолжат својата просветителска мисија. Преку збогатувањето на библиотеките со нови и современи богословски и световни наслови, црковните библиотеки го продолжуваат делото на Свети Климент Охридски како учител и просветител.
За Преминпортал:
Свештеник Жарко Ѓорѓиевски