Епархиското седиште на Повардарската епархија во Велес, како и епархискиот параклис посветен на „Св. Климент Охридски“ беа претесно место за да ги собере сите христијански православни души кои дојдоа заедно да го славиме денот на Богојавлението – Водици. Големиот христијански празник започна со Божествена Литургија, со која чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел.
По завршувањето на Литургијата беа пресечени славските колачи, а пред епархијата беше формирана традиционалната литија од клирот на епархијата и верниот православен народ, кој ја придружуваше литијата до местото каде што во Велес традиционално на овој ден се осветуваат водите на реката Вардар.
По чинот на осветување на водите, Митрополитот Повардарски г. Агатангел го фрли Крстот во осветените води на реката Вардар, а меѓу стотина млади луѓе, кои годинава влегоа во реката Вардар, најсреќен беше 26-годишниот Дејан Колодезни од Велес, кој го фати Чесниот Крст. Оној кој што прв ќе дојде до Чесниот Крст, традиционално добива и пригодни дарови, па така и оваа година младиот Дејан беше награден со златен крст, подарок од Повардарската епархија, како и многу други награди од разни дарители .
Посети: {moshits}