По пауза од шест години, МПЦ ќе добие нов член на Синодот. Јеромонахот Јосиф од Бигорскиот манастир и официјално ќе стане викарен епископ на поглаварот г.г. Стефан во скопската епархија
По пауза од шест години, МПЦ ќе добие нов член на Синодот. Јеромонахот Јосиф од Бигорскиот манастир и официјално ќе стане викарен епископ на поглаварот г.г. Стефан во скопската епархија
Статусот на МПЦ во православниот свет - главна тема на соборот на МПЦ
ЦРКОВНО-НАРОДЕН СОБОР ВО ОХРИД
Позицијата на Македонската православна црква-Охридска архиепископија во православниот свет и начините како да дојде до признавање на автокефалниот статус, ова се очекува да биде главна точка на дневниот ред од работниот дел на Црковно-народниот собор, што ќе се одржува од утре до недела во Охрид, во годината кога МПЦ-ОА одбележува 45 години од прогласување на автокефалноста. Според неофицијални информации, поради јубилејната година соборот повеќе ќе има свечен карактер. Иако деталите од дневниот ред сѐ уште не ѝ се познати на јавноста, црковни извори велат дека нема да се прават измени на Уставот на МПЦ-ОА.
- Од соборот ќе произлезе и апел да не се промени уставното име на државата, односно и за непромена на името на црквата. Ќе се прецизира и сето она што црквата го направиле за изминатите 45 години - велат црковни извори.
Се очекува поглаварот г.г. Стефан посебно да се осврне на намалувањето на наталитетот во државата, како и да посочи мерки со кои ќе се поттикнат многудетните семејства.
На духовната академија в сабота ќе присуствува и претседателот Ѓорге Иванов.
Нов владика
Јеромонахот Јосиф од Бигорскиот манастир и официјално ќе стане викарен епископ на поглаварот, г.г. Стефан во скопската епархија. Вечерта на 6 октомври на Плаошник ќе биде именуван во епископот велички, а следниот ден во црквата „Св. Софија“ ќе се одржи и неговата хиротонија (назначување). Јосиф Велички ќе биде дванаесеттиот член на Синодот на МПЦ.
По пауза од шест години, кога како член на САС на МПЦ беше избран брегалничкиот митрополит, г. Иларион, сега повторно се проширува највисокото тело на МПЦ. На крајот од октомври е закажана и хиротонијата на архимандритот Јосиф од Манастирот во Калишта, кој ќе биде тринаесеттиот член на Синодот. Тој со титулата епископ лешочки ќе биде викарен епископ на полошко-кумановскиот митрополит, г. Кирил.
Чинот на наречението ќе се изврши на 6 октомври во црквата „Св. Пантелејмон и Климент“ на Плаошник, со почеток во 17.30 часот, а хиротонијата на божествената литургија, која ќе биде отслужена на 7 октомври, во катедралниот храм на охридските архиепископи - „Света Софија“ во Охрид, со почеток во 8.30 часот. Во истиот храм на 6 октомври во 19 часот ќе биде приредена и свечена академија посветена на јубилејот.
Според дневниот ред, црковно-народниот собор следната недела треба да има и работен дел. Сите одлуки за кои според Уставот на МПЦ е потребна согласност и од соборјаните ќе бидат разгледувани. Освен почетокот на соборот, на кој е предвиден говор на архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, работниот дел на соборот ќе биде затворен.
Историски одлуки на црковните собори
Првиот собор се одржал на 4 и 5 март 1945 година во Скопје. На соборот е утврдена вековната желба на македонскиот народ за возобновување на Охридската архиепископија според 17 и 30 правило на Вселенскиот собор и според 800-годишното постоење на Охридската архиепископија како помесна православна црква како дел од едната, Света, соборна и апостолска црква. На соборот е утврдено да се изберат епископи од македонскиот народ, како и да се задржи карактерот на Охридската архиепископија како родна црква на македонскиот народ. Утврдено е титулата на поглаварот да биде охридски архиепископ, црквата „Светиклиментова охридска архиепископија“, а архиепископот да биде устоличен во Охрид на тронот на охридските архиепископи.
Вториот собор бил одржан од 4 до 6 октомври 1958 година, кога е возобновена Охридската архиепископија во лицето и како Македонската православна црква со тогашни три епархии: скопска, охридско-битолска и злетовско-струмичка. На чело на МПЦ на тронот на охридските архиепископи во Охрид на 5 октомври 1958 година беше устоличен архиепископот г.г. Доситеј со титула архиепископ охридски и скопски и митрополит македонски, а седиштето на МПЦ е определено во Скопје.
На 6 октомври 1958 година е донесен Уставот на МПЦ, раководена според каноните, правилата и преданието на Светата православна црква.
Третиот собор бил одржан на 17 јули 1967 година, кога е прогласена автокефалноста на Македонската православна црква, на чело со архиепископ со титула архиепископ охридски и македонски. Подоцна се одржани уште неколку архиепископски црковно-народни собори на МПЦ во 1994, 2004 и во 2005 година.
Автор: Радмила Заревска Фотографија: Ненад Андонов -Нова Македонија