Скопје, 21 септември 2012 год.- храм Рождество на Пресвета Богородица
На 21 септември 2012 г. во храмот Рождество на Пресвета Богородица во Скопје, Неговото блаженство Архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан во сослужение на Неговото високопреподобие Архимандритот Јосиф (Тодоровски) и свештенослужителите на Скопската епархија со многубројниот верен народ торжествено го прославија празникот Рождество на Пресвета Богородица.
Го прославивме празникот од кој се родија сите наши празници. Празникот на рождеството на Таа која прва после Синот ја победи смртта. И ние како и сите поколенија се поклонуваме и ја величаме почесната од херувимите и пославната од серафимите.
Но да внимаваме – не секој кој клика Господи-Господи ќе се спаси. Затоа нашата вера придружена со делата да ѝ ги подариме Неа. Таа подобро ќе ги сочуваа од нас кои сме „глинените садови“. Таа најдобро ја сознала волјата на Синот и ќе знае нашите вера и дела најдобро да Му ги представи на Синот. Затоа нека ѝ е вечна слава и поклонение на Неа – Пошироката од небесата затоа што под своето срце Го носеше Поголемиот од небесата.
Архиепископот посебно ги поздрави нашите православни верниците од Германија во придружба на нивните гостољубиви домаќини од Германија. Католичката црква од Германија ги подржува активностите на Македонската православна црква таму и ги одстапува своите храмови, а со нивна помош се градат и неколку православни храмови.
За Преминпортал
Ратислав Кардалев