На 2 септември 2012 г., на празникот на светиот пророк Самуил, во црквата Св. в.мч. Георгиј, во населбата Кисела Вода во Скопје, се одслужи Божествена Литургија со која чиноначалствуваше отец Емил Крстев. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во обновените службени простории на црквата Св. в.мч. Георгиј во населбата Кисела Вода, старешината отец Зоран Грозданов ни ги представи заложбите на Црквата, Општината Кисела Вода и градоначалникот Марјан Ѓорчев да се реши канализационата и водоводната инфраструктура. Со тоа ќе се постигнат предусловите за поамбициозни обновувања со помош на верниот народ за што има конкретни планови. Се потврдува важноста на личната иницијатива по што се разбиваат закостенетите ставови како: и вака ни е добро, некој друг нешто нека направи, нема интерес кај верниците.
Во човекот е клучот, со Божја помош, на решавањето на проблемите. Глобалните движења и политики ја занемаруваат индивидуата и ја потиснуваат на маргините. Во светските институции се гледа спасението од кризите. Но после една револуција доаѓа контрареволуција. После светска здравствена криза со птичји грип доаѓа светска финансиска криза.
А се заборава дека постои Седржител . На Создателот му важен секој конкретен човек. Не сите милијарди заедно туку секој поединечен човек кој е од Него создаден како оригинал. Само затоа е прекрасно да се биде Човек. Кога тој Човек ќе се омудри, да внимаваме, не рековме да заврши универзитетски студии, туку мудро да ја осознае смислата на животот, тогаш со помош на Создателот може да прави чуда. Таму, во покајанието на конкретниот човек и неговото преумување е решението на проблемите. Таа светлина се очекува од Христијанството кое не е религија. Тогаш нашата молитва не е однос во кој Седржителот го сведуваме на волшебно стапче кое ги извршува нашите наредби туку молитва како сознание за Неговата волја. Кој верува во ова – верува.
За Преминпортал
Ратислав Кардалев
Лето Господово 2012