31.08.2012 год.- Сеноќно бдение со Божествена Литургија во Марковиот манастир
Во Марковиот манастир „Св. вмч. Димитриј Солунски“ во с. Маркова Сушица, ноќта, петок кон сабота (31.авг – 1.сеп 2012 г.), на празникот на светиот маченик Андреј Стратилат и преподобниот Теофан, со почеток во 22:00 ч. се одслужи сеноќно бдение со Божествена Литургија предводена од отец Атанасиј Арсоски; во сослужение на отец Дејан Трајков и ѓаконот Ѓоко Бурмузоски. Верниците се причестија со Светите Христови Тајни. По бдението, игуменијата на Манастирот сестра Илијана и сестринството ги подкрепија верните со благодетен разговор и компот од сливи.
Срдечна беше повторната средба на отец Дејан Трајков со сестрите и браќата во Христа со кои имаше бројни љубовни заедничарења. Отец Дејан, зацврстен во духот низ својата дејност во Марковиот манастир, го продолжува неговото пошироко свештеничко послание меѓу верниците кај кои сеуште владее религиозност исцрпена во традиции и култура, а сето измешано со пагански обичаи. Марковиот манастир ја продолжува вековната традиција на манастирството како лулка на знаењето, науката, мудроста и верата. По молитвите на светите Пречистански преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, Господе Исусе Христе благослови го посланието на епископатот, монаштвото и свештенството на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, како услов за нашиот севкупен благодатен живот.
За Преминпортал
Ратислав Кардалев
Лето Господово 2012