Осветување на возобновената манастирска црква посветена на светите цар Константин и царица Елена во Вратница (05.06.2012 18:05)
На 03.06.2012 лето Господово, на празникот на Слегувањето на Светиот Дух – Духовден, како и на празникот на светите цар Константин и царица Елена во подножјето на Шар Планина во месноста Честодубје во атарот на село Вратница, со благослов на нашиот надлежен епархиски архиереј Митрополитот Полошко-Кумановски г. Кирил беше осветена манастирската црква посветена на Светите цар Константин и царица Елена од страна на Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на повеќе свештенослужители и ѓакони. По осветувањето беше запалено првото кандило, а честа за тоа му беше дадена на претставник од Иницијативниот одбор за возобновување на манастирската црква, кој заедно со одборот и несебичните залагања на жителите на с. Вратница, иселениците во странство од с. Вратница како и верници од тетовскиот крај го возобновија ова древно манастирско светилиште.
Веднаш потоа Митрополитот г. Агатангел заедно со братското свештенство ја отслужи првата Божествена Архиерејска Литургија со Вечерна богослужба во новоосветената манастирска црква.
Прославата беше крунисана зо заедничка братска и сестринска трпеза на љубовта, а свеченостите продолжија со богата културно-уметничка програма во дворот на манастирската црква.
Подготвил: Диме Змејкоски