На 26. 05. 2012 година (сабота) се одржа премиера на играно -документарниот филм „Пресвета Богородице, спаси нè“, филм кој е во продукција на Повардарската епархија, а е снимен по повод 45-годишнината од возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква. Премиерната проекција на филмот се одржа во Соборниот храм на Повардарската епархија „Св. Вмч. Пантелејмон“ во Велес. Ова е прв играно - документарен филм посветен на животот на Пресвета Богородица.
На премиерната проекција присуствуваа околу 300 гости, меѓу кои и митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар и митрополитот Повардарски г. Агатангел, како и градоначалникот на општина Велес, г-дин Горан Петров, кои им се обратија на присутните гости.
По завршувањето на проекцијата пред присутните гости се обрати и актерката Весна Димитровска, која се јавува како режисер на филмот, а истовремено и го толкува ликот на мајката Божја.
Играно-документарниот филм „Пресвета Богородице, спаси нè“ започна да се снима во август 2009 година токму пред велешката црква „Св. Вмч. Пантелејмон“. Во него покрај Весна Димитровска играат и актерите Милица Стојановска, Роберт Вељановски, Катерина Шехтанска, Александар Ѓорѓиев, Драган Миладинов, Роберт Ристов и други.
Филмот наскоро премиерно ќе биде прикажан на МТВ, а веќе е даден на титлување на неколку јазици и ќе биде прикажан на фестивали кои ја третираат оваа тематика.
Извор: Повардарска епархија
http://www.povardarska-eparhija.org.mk/pe/