ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на преносот на моштите
на светиот Игнатиј Богоносец
29 јануари / 11 февруари
“Сите влакна на косата ви се изброени”
проповедаше нашиот Спасител,
о Игнатие Богоносче, чие срце за Господа се распали
и со Името Негово се запечати,
моли Го Господа да се смилува над нас,
ти ревнителу на вистинската вера,
и да ги спаси оние кои го празнуваат твојот чесен спомен.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепч
Тропар на светите
Христови маченици
Сарвил и Вевеја
29 јануари / 11 февруари
Од жегата на пустината,
кон Себе – Изворот на Животот Христос,
душата твоја ја поведе, о Сарвиле свети мачениче,
но на тој пат низ оган помина,
и пример стана благодатен на твојата сестра Вевеја,
која допрена од Бога,
пример виде во твојата по дух преобразба.
Затоа за нас молете се пред Господа,
високо достојни маченици,
да не запази во сите денови.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Од Верскиот календар на МПЦ (11.02.2024)
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2024 лето Господово
Од Верскиот календар:
Пренос на моштите на Светиот свештеномаченик Игнатиј
Главното празнување на Св. Игнатиј е на 20 декември. На овој датум се празнува преносот на неговите мошти од Рим, каде што маченички пострада, во Антиохија, во којашто порано беше архиереј. Кога Свети Игнатиј беше повикан во Рим за да одговара пред царот Трајан за својата вера, на тој долг пат го придружуваа неколкумина граѓани од Антиохија, побудени од голема љубов кон својот прекрасен архипастир. Бидејќи Божјиот Светител никако не сакаше да се одрече од верата и ги презре сите ласкања и ветувања на царот Трајан, беше осуден на смрт и фрлен пред ѕверовите во Големиот циркус. Ѕверовите го растргнаа и тој Му ја предаде својата душа на Бога. Тогаш неговите следбеници ги собраа неговите соголени коски, ги пренесоа во Антиохија и чесно ги погребаа. Но кога Персијанците ја зазедоа Антиохија во 6 век, моштите на Свети Игнатиј повторно ги вратија од Антиохија во Рим.