ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на преносот на моштите
на светиот Јован Златоуст
27 јануари / 9 февруари
Крин благомирисен благоухание не подари,
на твоите чесни мошти о, Јоване Златоусти,
туку благодатта Божја во тебе нетрулежност во вечности покажа,
трубо Божја која поука за спасение донесува.
Миомиру кој Господа со човека го помирува,
од нашите усти денес славопеење прими,
за пат кон животот вечен
преку простување на нашите гревови.
Извор МПЦ-ОА
Манастир свети Јован Крстител Слепче
Тропар на светиот Христов
новомаченик Димитриј
27 јануари / 09 февруари
Верата која спасува,
те приведе тебе новомачениче Димитрие,
Христа да го исповедаш како Спасител на нашите души,
а Он те закрепнуваше да останеш непоколеблив,
војник за Неговото Име.
Радувај се, и за нас моли се храбар војнику,
кој во малку верен –
бесмртност доби во вечни векови.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Од Верскиот календар на МПЦ (09.02.2024)
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2024 лето Господово
Од Верскиот календар:
Пренос на моштите на Свети Јован Златоуст 09/02/Лето Господово
Златна труба на Православието. Споменот на овој светилник на Црквата се празнува на 13 ноември и на 30 јануари. А на овој датум се празнува преносот на неговите чесни мошти од ерменското село Комане, каде што умре како прогонет, во Цариград, каде што порано како патријарх управуваше со Црквата. Кога се навршија триесет години од неговата смрт, патријархот Прокло одржа еден говор во спомен на својот духовен отец и учител и со тој говор толку ја разгоре љубовта на народот и на царот Теодосиј Помладиот кон големиот Светител, што сите посакаа Златоустовите мошти да се пренесат во Цариград. Се раскажува дека ковчегот со моштите никако не можеле да го помрднат од местото сѐ додека царот не му напиша писмо на Златоуст молејќи го за прошка (бидејќи мајката на Теодосиј, Евдоксија, беше виновна за прогонството на Свети Јован) и повикувајќи го да дојде во Цариград, неговата некогашна резиденција. Кога ова покајно писмо го положиле на ковчегот, тој ковчег станал сосем лесен. При преносот мнозина болни кои се допреа до ковчегот со моштите на Св. Јован оздравеа. Кога моштите стасаа до престолнината, тогаш царот повторно молеше над моштите на Светителот прошка во име на својата мајка, и тоа како самата таа да говори: „Додека живеев во минливиот живот направив зло, а сега, кога ти живееш во бесмртноста, биди ѝ полезен на мојата душа. Мојата слава помина и не ми помогна ни малку; ти, оче, помогни ми во твојата слава, пред да бидам осудена на Судот Христов!“ Кога Светителот го внесоа во црквата на Светите апостоли и го поставија на патријаршискиот престол, тогаш маса народ од неговите усни слушна: „Мир на сите!“ Преносот на моштите на Свети Јован Златоуст беше извршен 438 година.