ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на свети апостол Тимотеј
22 јануари/4 февруари
Глас 4
На добрина пoучувајќи се, и грижејќи се за сé со добра совест,
свештено си се облекол,
од избраниот сад црпејќи неискажливи блага,
верата ја сочува и во мир животот свој го заврши.
Апостоле Тимотее, моли го Христа Бога,
да ги спаси нашите души.
Извор МПЦ-ОА
Тропар на светиот
Христов преподобномаченик
Анастасиј Персијанец
22 јануари / 4 февруари
Христос Спасителот, Кој како Вистина Го позна,
како Пат Го следеше, како Живот Го придоби,
те пороби тебе свети преподобномачениче Анастасие,
како Љубов која во тебе сѐ скверно очисти.
Крстот оружје ти постана,
молитвата сила која душата ја подигнува,
и нас нѐ покрива и денес и во вечни векови,
пред Христа Господа,
Кој тебе со венец неовенлив те овенча.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светите Христови
маченици Мануил, Георија,
Петар, Леонтиј, Сиониј, Гаврил, Јован,
Леонт, Парод и други 377
22 јануари / 4 февруари
Злобата на паднатоста човечка
венци за вас исплете и во слава небесна ве приведе,
о свети маченици Христови,
кои на гревот од слабиот не се радувате,
и за непријателот се молите.
Сега во Живот пребивајќи од рајот на сладоста,
за нас молете се, и ние во искушенијата
до крај да истрпиме и Бога –
небесната милост Го дочекаме.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Православен календар за 04/02/2024
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2024 лето Господово
Од Верскиот календар:
Светиот апостол Тимотеј
Еден од Седумдесеттемина апостоли. Роден во Листра Ликаониска од татко Грк и мајка Еврејка. Мајка му и баба му Светиот апостол Павле ги пофалува за нивната нелицемерна вера (2 Тимотеј 1, 4 - 5). Во Листра Тимотеј за првпат се сретна со великиот апостол и самиот беше сведок кога Павле исцели еден човек од раѓање куцоног. Подоцна Тимотеј му беше речиси постојан сопатник на Павле, обиколувајќи ги со него Ахаја, Македонија, Италија и Шпанија. Голем ревнител за верата, извонреден беседник и благодушен, Тимотеј многу придонесе за распростирањето на христијанската вера. Павле го нарекува вистински син во верата (2, 1 - 2). По маченичката смрт на Св. апостол Павле, Тимотеј го имаше за учител Св. Јован Богослов. Но кога царот Дометијан го прогони Јован на островот Патмос, Тимотеј остана да епископува во Ефес наместо него. Во времето на еден идолски празник наречен Катагогиум незнабожците, лути на христијаните, подмолно и под маски го нападнаа Свети Тимотеј и го убија (околу 93 година). Неговите чесни мошти подоцна се пренесени во Цариград и погребани во црквата на Светите апостоли до гробот на Св. евангелист Лука и на Св. Андреј Првоповиканиот.
Преподобниот маченик Анастасиј
Родум Персијанец. Незнабожечкото име му е Магундат. Кога царот Ираклиј војуваше со Персијанците, Магундат пребега кај христијаните, отиде во Ерусалим, се крсти и го доби името Анастасиј. Не му беше доволно што се крсти, туку се замонаши за сиот да Му се предаде на Господ. Покрај останатите подвизи постојано ги читаше житијата на Светиите и ги натопуваше книгите со солзи и самиот топло копнеејќи по мачеништво. Господ најпосле го овенча со венец на маченичка слава. Долго лежеше во затвор и беше луто мачен, додека царот Хозрој не му изрече смртна пресуда. После оваа пресуда Анастасиј го удавија во вода, па го извадија и џелатот му ја пресече главата и му ја прати на царот. Пострада на 22 јануари 628 година во градот Бетсалое, близу Нинива.