ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на светиот
Јоаникиј Ракотински
11 јануари /24 јануари
Глас 3
Живот богољубив мина, преподобен Јоаникие,
којшто си овенчан од Исуса Владиката, Подвигоположникот.
Така, твориш чудеса преку моштите свои
за сите што доаѓаат и верно ти се молат.
Затоа прими благодарен глас:
Радувај се рамен со древните светии.
Извор МПЦ - ОА
Тропар на преподобниот
отец наш Теодосиј Велики
¬11 јануари / 24 јануари
Блажен си ти мудар Теодосие,
затоа што волјата своја ја приви околу нозете Христови,
умот вазден трагаше по Неговата промисла,
а рацете благослов Божји излеваа
умножувајќи сѐ што е потребно за стадото Господово.
Радувај се сега пастиру свети и моли го
Бога да ги спаси нашите души.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Од Верскиот календар на МПЦ (24.01.2024)
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2024 лето Господово
Од Верскиот календар:
Преподобен Јоаникиј Ракотински.
Преподобен Јоаникиј се родил во Охрид, на 7 јануари 1847 година, а на крштението го добил името Јован. Монашки потстриг примил на 17 јануари 1873 година, во манастирот „Свети вмч. Пантелејмон“, Нерези, со името Јоаникиј. Година и половина по замонашувањето преминал во манастирот „Свети Илија“, село Бањани, а во 1874 година останал во братството на Марковиот манастир, за најпосле да се насели во селото Ракотинци и таму да го обнови манастирот „Свети Илија“. Како најобразован во тоа време, во 1896 година подигнал и основно училиште за деца. Живеел во исклучително тешко време, за време на турското владеење, Балканските и Првата светска војна, со тешки искушенија и притисоци, и сенародно страдание. Во 1913 година бил произведен во игумен, а во 1935 година во архимандрит. Се упокоил на 24 јануари 1940 година.
Преподобен Теодосиј Велики
Прв востановител и устроител на монашкото општежитие. Роден е во областа Кападокија, во селото Могаријаси, од благочестиви родители. Како млад го посети Св. Симеон Столпник којшто го благослови и му прорече голема духовна слава. Со кадилницата во која стави ладно ќумурче и темјан, Теодосиј бараше место за да се насели и да основа манастир и запре таму каде што ќумурчето само од себе се разгоре. Овде се насели и почна да се подвизува. Наскоро околу него се собраа монаси од странски земји. Заради тоа изгради по една црква за секој јазик на кој се зборуваше во обителта, и во слава Божја истовремено служеа и се пееја на грчки, ерменски, грузиски итн. Но во денот кога се причестуваа, сите браќа се собираа во големата црква, во која се служеше на грчки. Трпезата и имотот им беа заеднички на сите, трудот и трпењето заеднички, а неретко и гладувањето. Теодосиј им беше возвишен пример за живот на сите свети монаси, пример во трудот, во молитвата, постот, бдеењето и во сите христијански добродетели. И Бог му подари дар на чудотворство, па можеше да исцелува болни, да се јавува на далечина и да помага, да умножува леб и пченица. Молитвата му беше на усните дење и ноќе. Се упокои мирно во Господ кога имаше сто и шест години, во 529 година.