ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на светите маченици
Акиндин, Пигасиј, Афтониј, Елпидифор и Анемподист
2 ноември / 15 ноември
Страдалници Господови, блажена е земјата,
која се напои од вашата крв,
и свети се населбите кои ги примија телата ваши.
На боиштето непријателот го победивте,
и Христа со смелост го проповедавте,
Него како Добар молете го да се спасат нашите души,
ве молиме.
Православен календар за 15/11/2023
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2023 лето Господово
Од Верскиот календар:
Светите маченици Акиндин, Пигасиј, Анемподист, Автониј, Елпидифор и другите со нив
Христијани од Персија. Пострадаа за време на Сапор (Савориј) во 355 година. Првите тројца беа слуги на дворецот на истиот цар, но тајно Му служеа на својот Господ Христос. Кога беа обвинети и изведени на суд пред царот, тој ги праша од каде се. На тоа одговорија: „Наша татковина и наш живот е Пресвета Троица, единосушна и неразделна, Отецот и Синот и Светиот Дух, едниот Бог“. Царот ги удри на големи маки , но тие претрпеа јуначки сѐ со псалмопение и молитва на усните. За време на мачењата и во затворот повеќепати им се јавуваа Божји ангели, а еднаш и Самиот Господ Христос како човек „со лице светло како сонце“. Штом еден од мачителите, Автониј, го виде чудото кога врелото олово не им наштети на мачениците, поверува во Христа и возвикна: „Голем е христијанскиот Бог!“ За ова веднаш го убија со меч. И многумина други видоа и поверуваа. Тогаш царот нареди и во кожни мевови ги зашија Акиндин, Пигасиј и Анемподист и ги фрлија во морето. Но им се јави од оној свет Св. Автониј со тројца светли ангели, ги изведе Светите маченици на суво и ги ослободи. Елпидифор беше царски големец. Кога изјави дека е христијанин и го изобличи царот за убивањето на невините христијани, царот го осуди на смрт. Го убија Елпидифор и околу седум илјади други христијани со него. А оние тројца први маченици најпосле ги фрлија во огнена печка, заедно со дваесет и осум војници и со мајката на царот, бидејќи и тие поверуваа во Христа. Во тој пламен ги предадоа нивните праведни души во рацете на својот Господ.