ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на светиот Христов
маченик Андреј Стратилат
19 август ⁄ 1 септември
Славата на земното звање оставајќи ја,
Царството Небесно си го наследил,
со капки крв како со скапоцени камења
и со нетлени венци си се украсил,
приведувајќи кон Христа
собор на маченици.
Со Ангелските чинови во Невечерната светлина,
незалезното сонце Христос си го здогледал,
свети Андрее Стратилате
со оние кои пострадаа со тебе
него секогаш моли Го
да ги спаси нашите души.
Тропар во чест на чудотворната икона
на Пресвета Богородица наречена
Донска
19 август / 1 септември
Брза предобра застапничке на верните,
Пречиста Богородице Дево,
Те молиме пред Светиот и чудотворен лик Твој:
како што некогаш од него на градот Москва
си му го подарила Твоето застапување,
така и сега и нас од сите беди и напасти
милостиво избави нѐ, и спаси ги
душите наши како Милосрдна.
Извор МПЦ – ОА
Тропар на преподобниот отец
Теофан нов чудотворец
19 август / 1 септември
Напојувајќи се со Љубовта која само се умножува,
преподобен оче Теофане,
за зло не го зеде неверието човечко,
туку смирение смерно за секого покажа
уледувајќи се на Христа, затоа Домостроителот
благодат ти умножи и со чудотворства те закити,
тебе молитвеникот наш непрестан,
пред Спасителот на нашите души.
*неговите мошти се во Верија и Наус.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светите
Христови маченици
Тимотеј, Агапиј и Текла
19 август / 1 септември
Виорот на благодатта ги опфати душите и срцата ваши,
о, свети маченици Тимотее, Агапие и Текло,
и вие Христа Го посведочивте телото раздавајќи го,
но Бисер драгоцен добивајќи.
Радувајте се сега и за родот човечки молете се,
да остане непоколеблив во верата која спасува.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Од Верскиот календар на МПЦ (01.09.2024)
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2024 лето Господово
Од Верскиот календар:
Светиот маченик Андреј Стратилат
Беше офицер-трибун во римската војска во времето на царот Максимијан. Роден е во Сирија и таму беше на служба. Кога Персијанците го загрозија со војска римското царување, на Андреј му беше доверена војска во борба против непријателите. Во таа прилика го произведоа за војвода-стратилат. Бидејќи беше потаен христијанин, иако уште некрстен, Андреј се понадева во живиот Бог и од мнозинството војници ги избра само најдобрите и со нив појде во битка. Пред битката им рече на своите војници дека ако сите Го повикуваат напомош единствениот вистински Бог Господ Исус Христос, нивните непријатели како прав ќе се распрснат пред нив. И навистина, сите војници вдахновени од Андреј и од неговата вера Го повикаа напомош Христа и извршија јуриш. Персиската војска беше наполно сотрена. Кога победоносниот Андреј се врати во Антиохија, некои завидливци го обвинија како христијанин и царскиот намесник го повика на суд. Андреј отворено ја изјави својата непоколеблива вера во Христа. После тешки измачувања намесникот го фрли во затвор и му пиша на царот во Рим. Знаејќи го угледот што го имаше Андреј кај народот и кај војската, царот му нареди на намесникот да го пушти на слобода, но да демне друга прилика и друга причина за да го убие. Во откровение од Бога Андреј дозна за таа царска наредба, па ги зеде со себе сите свои верни војници, две илјади петстотини деведесет и тројца на број, отиде со нив во Тарс Киликиски и таму ги крсти сите епископот Петар. И овде прогонуван од царските власти, со својата дружина Андреј се повлече далеку во ерменската планина Таврос. Овде во еден теснец, додека сите беа на молитва, пристигна римска војска и ги закла сите до еден. Никој од нив не сакаше да се брани, а сите беа желни за маченичка смрт за Христа. На тоа место каде што се излеа потокот од маченичка крв, изби извор со лековита вода, којашто исцелуваше од секакви болести. Епископот Петар дојде потајно со свои луѓе и чесно ги погреба телата на мачениците на она место. Сите чесно пострадаа и стекнаа венци на бесмртна слава во царството на Господ Христос.