ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на светиот Христов
маченик Мирон
17 август / 30 август
Презвитеру Христов Мироне,
оној кој телото твое го соголи,
не можеше на душата да & напакости,
туку слава поголема во Божји очи ти вознесе.
Ти кој злата нарав човечка ја посрами,
моли се животот наш да се смири
и заштитени од Спасителевата благодат
да се спасат нашите души.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
Христов маченик
Патрокло
17 август / 30 август
Господ ја сочува душата твоја о, Патрокле
достојнославен, те избави од рацете
на грешниците и приведе во Небесното Царство,
а ти венецот маченички ревносно го прифати
изобличувајќи ја лагата демонска.
Сети се на нас од местото на мирот
и нека по твоите молитви Спасителот
не заборави на нашите души.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на преподобниот отец
Алимпиј
иконописец Печерски
17 август / 30 август
Вечната душа твоја од Бога створена
се зарадува Алимпие преподобен оче
на неракотворените Икони
изобразени од благодатта Христова,
подвигот твој свет со една уста и едно срце
Бога да Го прославиш,
те воведе во небесните одаи,
каде сега со живите ликови молете се
за спасение на нашите души.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светите
Христови маченици
Стратон, Филип, Евтихијан и Кипријан
17 август / 30 август
Подвигот ваш исповеднички според зборовите:
со секој сѐ да бидете само
да придобиете душа за спасение,
примен беше од Христа Кој благодатно
ве закрепна во маченичките подвизи.
Затворивте уста на лавови,
во оган бевте испробани
и стигнавте во рајските предели
од каде сега молете се да се спасат нашите души.
Извор МПЦ – ОА
Манастир Св. Јован Претеча Слепче
Од Верскиот календар на МПЦ (30.08.2024)
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2024 лето Господово
Од Верскиот календар:
Светиот маченик Мирон, презвитер
Свештеник во некое место во Ахаја, од богат и угледен род, по природа благ и кроток, богољубив и човекољубив. Во времето на царот Декиј, а на денот на Рождеството Христово, јурнаа незнабожците на црквата, го извлекоа Мирон од службата и го ставија на маки. При мачењето во огнот му се јави ангел Господов и го поткрепи. Потоа почнаа да му ја сечат кожата на ленти, од главата до нозете. Маченикот дофати една од овие ленти од својата кожа и со нив го удри мачителот-судија в лице. Судијата Антипатар како надвор од себе зеде меч и се уби себеси. Најпосле Мирон го одведоа во градот Кизик и таму го погубија со меч, во 250 година.