ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на светиот
Христов маченик Евсигниј
5 август / 18 август
Велики Евсигние на земните цареви војниче,
Бог те удостои да посведочиш за Неговата љубов према родот човечки,
годините на земниот живот ти ги продолжи
награден да бидеш како исповедник на вистината,
за оние кои отстапуваат од верата која спасува,
о свети мачениче, војнику Христов од висините,
моли се Спасителот благодат да подари
во верата да останеме непоколебливи.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот Евтимиј
патријарх Константинополски
5 август / 18 август
Богољубивата душа твоја, пастиру Евтимие
не даде власт на телото твое
да замине во лагата на овој свет:
облагодатен од Господа до крај остана
во праведноста Негова, сведочејќи дека
без Христа ништо не си.
Затоа примајќи денес од нас пофалби,
моли се за нас пред Оној на Кого ти ревносно послужи.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
свештеномаченик Христов
Фавиј папа Римски
5 август / 18 август
Белата гулабица покажа каква благодат
носиш во срцето, о, Фавие Христов пастиру,
а Господ мирот го спушти на Црквата Своја
преку молитвите твои свети, достоен свештеномачениче.
Затоа сега те молиме, да се застапиш и за душите наши,
мир да имаат во вечни векови.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светата праведна
Нона
5 август / 18 август
Блажена си ти мајко наша смирена,
блажена си пред Господа, слугинко верна Негова,
затоа што Он гледајќи ја ревноста твоја
молитва брзокрилна ти подари
и на неа мноштво души прилепи.
Затоа не нѐ оставај без твоите молитви
пред престолот на Христа, Кој таква слобода ти подари.
Мајка на Св.Григориј Богослов
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
Христов маченик
Понтиј Римјанин
5 август / 18 август
Крстот свој носејќи го свети мачениче,
по Господа одеше минувајќи низ магли и темнини,
но светлината Христова која го осветлува
секој човек, пред тебе иташе давајќи сила
на твоето исповедание, о, Понтие
чие страдање денес го величаме
и на твоите свети молитви пред Господа
се повикуваме во нашето кон вечноста восходење.
Извор МПЦ – ОА
Манастир св. Јован Претеча Слепче
Од Верскиот календар на МПЦ (18.08.2023)
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2023 лето Господово
Од Верскиот календар:
Светиот маченик Евсигниј
Беше војник кај царот Максимијан, кај царот Константин Велики и кај неговите синови. Присуствуваше на мачењето на Светиот маченик Василиск (22 мај) кога виде множество од ангели и Самиот Господ Исус како од ангелите ја прима душата на овој Свет маченик. Војуваше за царот Константин и го виде крстот што му се јави на царот. Откако ислужи во војска цели шеесет години, за време на царувањето на Константиновите синови се повлече од воената служба и се насели во Антиохија, којашто му беше роден град. Овде животот го минуваше богоугодно, во пост, молитва и добри дела. Во времето на Јулијан Отстапник двајца скарани луѓе на улица го зедоа него за судија. Тој му пресуди правда на правиот, заради што кривиот се налути, отиде кај царот и го обвини Евсигниј како христијанин. Царот го повика на суд, но тој го изобличи царот за страшното отстапништво од верата и го укори со светлиот пример на великиот Константин. Огорчен, Јулијан нареди и му ја отсекоа главата. Свети Евсигниј пострада и се пресели во Небесното Царство во длабока старост, во 362 година.