"АМИН"
значи — нека биде така, вистина е — Бог.
Со зборот "амин", ние го запечатуваме изреченото во молитвата. Тоа е исто како да велиме: Вистина е (1. Кор. 16,14), нека биде така, а тоа значи — она што сме го кажале е "вистина" и искажуваме целосна вера во Бога, па затоа сите молитви ги завршуваме со "Амин".
Зборот "амин" ни дава надеж и уве-реност во Божјата семожност и дека ќе биде така, како што сме се молеле. "Ако просиме нешто по Неговата волја, Он не послушува. А кога знаеме дека не услишува што и да побараме, знаеме дека ќе добиеме, што и да сме побарале од Него," се вели во Светата Библија (1. Јов. 5,14-15).
Господ ќе ги чуе молитвите, ќе ги услиши и ќе ја пројави Својата голема милост, добрина и човекољубие.
Амин = нека биде така.
"ЗАШТО ТВОЕ Е ЦАРСТВОТО, И СИЛАТА, И СЛАВАТА ВО СИТЕ ВЕКОВИ. АМИН!"
— Ова е славословие кон Бога.
Тоа подоцна и е додадено на молитвата "Оче наш" за да покажеме дека ние Го молиме Бога и Му оддаваме почит и слава, исповедајќи дека Бог е вечниот Цар и може да направи се што е потребно за нас, бидејќи Он е најмоќен и најславен.
Сепак, треба да се знае дека и ова славословие е составен дел на молитвата Господова, како што е забележано во Светото Евангелие според Матеј (Матеј 6,13).
Во практиката, кога се молиме со молитвата: "Оче наш:", вобичаено е зборовите од славословието: "Зашто Твое е царството, силата и славата во сите векови" обичните верници (мирјаните) да не ги изговараат. Така тие ја завршуваат молитвата со 7-мата прозба: "но избави не од лукавиот. Амин". А, славословието го изговараат свештениците. Зошто е тоа така? Смеат ли и обичните христијани да ги кажат зборовите: "Зашто Твое е царството, силата и славата во сите векови"?
Да. И обичните верници смеат, кажувајќи ја молитвата "Оче наш", да ги искажат и овие зборови, ако нема свештеник. Тие зборови се оставени да ги кажува свештеникот само поради големото значење на молитвата "Оче наш", во општите богослуженија во црквата, при заедничките молитви и богослужби. Но, во индивидулните молитви верниците можат да го кажуваат и славословието на Господовата молитва. Ова славословие е присоединето кон молитвата "Оче наш" од две основни причини:
Прво, ние во моментот кога молитвено бараме милост од Отецот небесен, во исто време треба да Му оддадеме и справедлива почит и
Второ, затоа што со молитвата за Неговото вечно царство, сила и слава, ние се повеќе и повеќе ќе се утврдуваме во надежта дека Он ќе ни го даде она што го бараме во молитвата.
"Зашто Твое е царството" велиме, а ако е Негово царството, тогаш не треба од никого да се плашиме, бидејќи никој нема да Му се спротивстави на Царот. Тоа значи дека и нашиот непријател, противник и искушувач Му е покорен на Бога. Дури и кога сме немоќни треба да сме храбри, бидејќи нашиот Цар е семожен и Он ќе ни помогне во добрите дела што треба да ги направиме. Бог царува над се. Он е посилен од сите.
Затоа зборот "сила" ја претставува Божјата семожност
(Марко 14, 26). Тоа значи: Господи, Ти си семожен и за Тебе се е можно!
Зборот "слава" ја искажува Божјата слава која ги исполнува небото и земјата (Исаија 6,3), и зборовите "во сите векови" значат дека Божјото царство, сила и слава се бесконечни, вечни и никогаш нема да престанат.
На крајот од молитвата ние како да велиме: — Оче, ние сме немоќни. Само Ти, Господи, избави не од лукавиот, "зашто Твое е царството, силата и славата во сите векови. Амин". И кој Смее да ги нападне и да им наштети на оние, со кои царуваш Ти, Владико и Господи, и Кој господариш со ангелите? И кој ќе се спротивстави на Твојата сила? Никој! Бидејќи Ти како што си создал се, така и ќе ги чуваш сите со Твојата сила, која ги опфаќа сите краишта на вселената и со која се исполнети небото и земјата! (Свети Симеон Солунски).
(Крај)
Подготви: Стојанка Тежак
Автор: протоѓакон Ратомир Грозданоски - „Господовата молитва“
Издавач: “Магнат”- Скопје
Со благослов на Архепископот Охридски и Македонски г.г. Михаил
ПРЕДГОВОР
Возљубени браќа и сестри,
Голема е тајната и силата на Господовата молитва. Во толку кратка молитва, со малку зборови, содржана и искажана е голема духовна сила на молението.
Ако Бог е Отец на христијаните, тогаш тие не смеат молитвено да Го повикуваат преку молитвата "Оче наш" и Отец да Го нарекуваат, ниту Господовата молитва да ја кажуваат додека не се покаат и не се очистат од гревовите свои, оти така заповедал Свети апостол Павле и рекол: "Да отстапи од неправдата секој, што го произнесува името Господово!" (2. Тим. 2,19).
Како можеш да Му речеш на Бога "Оче наш," а живееш недостојно, сиот си во гревови и со својот карактер си станал ѓаволоподобен?
Оние, кои Бога Го нарекуваат Отец и кои се молат со "Оче наш" треба да бидат синови Божји, а синот треба да личи на отецот, треба да биде богоподобен во се: во своите мисли, во своите зборови, во своите чувства и во своите дела.
Ако си грешел, пак, брзо покај се и исповедај ги гревовите свои!
Направи и ти како што направил блудниот и непослушен син (Лука 15, 11-32). Погледни кон себе си и во себе си, согледај го гревот свој и обрати се — врати се кај Бога Отецот, па појди в црква кај свештеникот и пред него и пред лицето Божјо со смирение и покајание признај го и исповедај го својот грев, велејќи: — Оче згрешив против небото и пред Тебе и не сум веќе достоен да се наречам Твој син, но прими ме, оти се каам... (Лука 15,18-19). Тогаш Бог ќе ти прости и ќе те прими со радост.
И дури потоа заедно со сите христијани ќе можеш достојно да ја кажуваш молитвата "Оче наш" и Бога да Го нарекуваш твој Отец, а луѓето да ги чувствуваш како свои браќа. Така ќе имаш во себе вистинско богољубие и човекољубие, а тие се двете најголеми заповеди врз кои се темели целиот Закон и Пророците и преку кои се спасува човекот (Матеј
22,37-40).
Авторот.
Друго:
- Прoф. Ратомир Гроздановски - Господовата молитва(1)
- Прoф. Ратомир Гроздановски - Господовата молитва(2)
- Прoф. Ратомир Гроздановски - Господовата молитва (3)
- Прoф. Ратомир Гроздановски - Господовата молитва (4)
- Прoф. Ратомир Гроздановски - Господовата молитва (5)
- Прoф. Ратомир Гроздановски - Господовата молитва (6)
- Прoф. Ратомир Гроздановски - Господовата молитва (7)
- Прoф. Ратомир Гроздановски - Господовата молитва (8)
- Прoф. Ратомир Гроздановски - Господовата молитва (9)
- Прoф. Ратомир Гроздановски - Господовата молитва (10)