Љубов која се граничи со бесконечност
Повеќето од луѓето се вљубуваат во другиот затоа што сеуште доволно не го познаваат. Со други зборови, тие се вљубуваат во тајната, во непознатото, во надежта за личност која ќе им ги исполни копнежите. Затоа многумина за краток период ја губат љубовта и ентузијазмот со кои започнале да го градат заедништвото со другиот. Нивната врска започнала на погрешен начин и останала таква a егоцентричната измама на себичноста на крај го предизвика раздорот.
Затоа луѓето се разделуваат откако ќе се “оладат” едни од други. Запознавањето со другиот ги разочарало. Очекувале едно, а добиле друго. Тие очекувале другиот да биде според нивната мера и тежина. Но, не е тој виновен, ние сме самите виновни. Многу пати во една врска само сакаме, без да даваме, и постојано бараме да ја задоволиме нашата волја и нашето его. Така и се разочаруваме, затоа што егоцентризмот не ни дозволил да прифатиме дека другиот не е совршен, дека нашето его не е совршено. Разочарани сме што ја потрошивме нашата среќа во рамките на нашата хедонистичка покорност. Затоа и не успеваме да живееме богоугодно. Нашите животи стануваат потврда за лесноумието што нè совладало. Една љубов полна со осаменост. Празнина која била предизвикана и одржувана од нашата неконтролирана себичност. И љубовта и врската веќе изгледаат како непријатели. И себеоткривањето кон другиот како стапица. Меѓутоа, тоа не е секогаш така.
Постојат и луѓе кои, колку повеќе напредуваат во запознавањето, толку повеќе придодаваат на љубовта. И нивната емоција се менува и станува Љубов. Врска на взаемно проникнување и спокој. Во тој однос започнува да се раѓа чувството за потреба од другиот. За моментот на„несуштествување“ без другиот. Ова е начин на живот согласно Троичниот праобраз. Затоа, на овие луѓе не им е потребно материјалното за да бидат среќни. Задоволни се од допирот на нивните очи. Сè додека можат да му кажат на другиот: „Ти благодарам што ми дозволи да те сакам“. Тие стануваат креатори на сопствените животи. Тие го живеат животот во единство со другиот. Смртници, кои сепак ја вкусиле слободата на Вечноста. Тогаш законите се поништуваат а оклопот на правото ја губи својата сила. Нема повеќе граници бидејќи впечатокот на врската е неограничен. Подобен на Троичната сила на љубовта. Односот со другиот станува благослов, а не проклетство, дури и ако другиот е несовршен. Сепак, сето ова бара скромно срце ослободено од потребата за само-обожение. Потребна ни е Благодатта која што „слабиот го лекува а ги покрива недостатоците “. Бог суштествува како однос помеѓу Лица, и човекот е повикан да се спаси, т.е. да се исполни преку неговото учество во тројниот однос Бог-човек-ближен.
Автор: архим. Павел Пападопулос
За Преминпортал превел Симеон Стефковски
13ти декмври 2020 лето Господово
На празникот на светиот апостол Андреј Првоповиканиот