Браќа, мудрост, пак проповедаме меѓу совршените, но не мудрост од овој век, ниту, пак, онаа на преодните господари од овој свет, туку ја проповедаме Божјата премудрост, тајна сокриена, која Бог ја предодредил уште пред вековите за наша слава, која никој од господарите на овој свет не ја познал; зашто, ако ја беа познале, тогаш немаше да Го распнат Господа на славата. Но, како што е напишано: „Што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна, тоа Бог го приготвил за оние, кои Го сакаат.”
1Кор. 2,6-9
Кој милува татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој милува син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене. Кој ќе ја запази душата своја, ќе ја загуби, а кој ќе ја загуби душата своја заради Мене, ќе ја зачува. Кој ве прима вас, Ме прима Мене; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил. Кој прима пророк во пророчко име, ќе добие пророчка награда; и кој прима праведник во праведничко име, ќе добие праведничка награда. И кој напои еден од овие мали само со чаша студена вода како Мој ученик, вистина ви велам, нема да ја загуби својата награда.” И кога ги заврши Исус овие заповеди кон дванаесетте Свои ученици, замина оттаму за да поучува и да проповеда по нивните градови.
Мт. 10,37-11,1
Што означува Воздвижението на Крстот?
Воздвижението на Крстот значи воздвижение на човекот, украсен со образот и подобието Господово, човекот кој живее во рајот во блажена и невина состојба. Спуштањето долу на Крстот го означува човекот оддаден на ѓаволски искушенија, човекот кој ги нарушува заповедите дадени од Господа, човекот кој би се спуштил и целосно би погинал, ако Христос, преку Своите страданија не го искупи сиот род човечки.
Браќа, секој човек, па и најблагочестивиот и најдобродетелниот, и оној кој поживеал најкратко, не бил без грев. Само колку пати, сетете се, сме ги погазиле ветувањата дадени при Крштението; колку пати преку покајание сме ја очистиле својата душа, и одново сме паднале, колку пати сме се дрзнале да се причестиме со Телото и Крвта Христови, со тоа страшно Таинство, и повторно сме паднале… И ни останало само да повикаме: „Господи помилуј! Господи помилуј!“
И блазе нам, ако во овој живот принесеме покајание, оти таму, зад гробот, невозможно е човек да се покае… тогаш сѐ ќе ни биде попусто. Да ревнуваме во принесувањето на покајание. Овој живот брзо минува, сѐ ќе помине – и младоста, и среќата, и радоста, а пред нас – зјае бездна. Затоа, да припаднеме пред Животворното Дрво на Крстот Христов, и од длабочините на душата да повикаме: „Господи помилуј! Господи помилуј! Господи помилуј!“
извадок од словото изречено во саботата пред Воздвижение, на Митрополит Трифун Туркестанов, викар на Московската Епархија
Извор: http://pravoslavie.mk.
Прочитајте повеќе на: http://pravoslavie.mk/sabota-pred-vozdvizhenie/ .