Одговорност на љубовта, делување со расудливост и љубов – Старец Пајсиј Светогорец
фев13 by Маран Ата
„Словото од законот убива“[1]
Еднаш прашав еден човек: „Што си ти, борец за Христа или борец за искушувачот? Знаеш ли дека постојат борци за искушувачот?“ Христијанинот не треба да биде фанатик, туку сите луѓе да ги сака. Оној, кој без размислување се расфрла со зборови, макар и да бидат тие точни, чини зло. Познавав еден благочестив писател, кој на мирјаните секогаш им се обраќаше со многу суров јазик, кој, меѓутоа, толку длабоко продирал, што ги потресувал до срж. Еднаш ми рече: „На еден собир на една госпоѓа ѝ реков вака и вака.“ Но, начинот на кој тој тоа ѝ го рекол, сосема сигурно ја дотолчил. Ја навредил пред сите. „Внимавај“, му реков, „ти на луѓето им фрлаш златни венци со дијаманти, но така како што ги фрлаш, им ги кршиш главите, не само оние чувствителните, туку и тврдите“. Да не фрламе камења на луѓето… во име на христијанството. Оној, кој разобличува некој грешник пред другите или со страст зборува за некоја личност, него не го поттикнува Светиот Дух, туку… некој друг дух. Етосот на Црквата е љубовта: се разликува суштинското од правното. Црквата на сé гледа со долготрпение и гледа секому да помогне, што и да направил, колку и да е грешен.
Кај поединечни побожни христијани гледам некоја чудна логика. Во ред е нивната побожност, добра е нивната склоност кон доброто, но потребно им е и духовно расудување и ширина, за нивната побожност да не ја проследува тесноградост, тврдоглавост (како што народот вели: арбанашки инает). Основата на сé е духовноста, а од неа произлегува духовното расудување, бидејќи инаку останува на штурото „слово на законот“, а „словото на законот убива“. Оној, кој има смирение, никогаш нема себеси да се поставува за учител на другите; таквиот човек повеќе слуша и кога ќе го прашаат за мислење, одговара смирено. Никогаш нема да рече „јас“, туку „помислата ми вели“ или „Отците велат“, односно, говори како ученик. Оној, кој мисли дека е способен другите да ги исправува, има големо самољубие во себе.
- Старче, кога некој од добра склоност започне некое дело и оди во крајност, дали тоа е отсуство на расудување?
- Да. Самољубието го поттикнува на такво делување, само што тоа не го сфаќа, бидејќи не се познава себеси, затоа и оди во крајност. Многупати некои од побожност го почнуваат своето делување, но до каде стигнуваат! Да ги земеме за пример иконоборците и иконопоклониците.[2] И едните и другите оделе во крајности! Иконоборците ги палеле и фрлале иконите… а иконопоклониците ги стругале Христовите икони и тој прав го додавале во светиот Путир за подобра да биде Светата Причест! Затоа Црквата била принудена да ги подигне високо, а кога поминал спорот, ги спуштила ниско, за да имс е поклонуваме и да искажуваме почит спрема изобразените личности.
ЗАБЕЛЕШКИ:
2. Кор. 3, 6
Во Историјата на Византија на Г. Острогорски, се нарекуваат “иконофили”, а на грчки е иконолатрија, по примерот на идолатрија = идолопоклоништво.
Извор: ОДГОВОРНОСТ ЉУБАВИ – ДЕЛАЊА РАСУДНОШЋУ И ЉУБАВЉУ
Преземено од: Маран Ата