Бескрвната жртва не е нова, туку онаа истата која е принесена на Голгота. Примајќи ја силата од неа, ја носи до ние кои се причестуваат. Жедниот ја зема чашата, во неа ја црпи водата од реката и пие. Голготската жртва е река која тече насекаде и вечно е жива; чашата која црпи од неа е Светата Тајна на Телото и Крвта; црпењето е свештенодејство; пиењето е причестување со вера и страв, после потребната подготовка.
Сите кои се соединуваат со Господ, сите кои се облекуваат во Него и се хранат од Неговото Тело и Неговата Крв се едно со Него и се Негово Тело. Тие се Негово Тело затоа што се од Неговите плот и коски.
Светата Тајна на Телото и Крвта за христијаните е Божја храна и жртва. Секогаш не се причестуваат сите кои се на Литургијата, но жртвата се принесува од сите и за сите. Затоа сите и треба да учествуваат во неа. А учествуваат преку верата, смирението заради гревовите и самопрезирањето, паѓањето пред нозете на Господ, Кој се жртвува Себеси, како Јагне, за живот на светот. И самото живо созерцување на оваа Тајна силно го оживува и поттикнува духот.
Пристапувњето кон Светите Тајни го правите со смирено (просто) срце, со потполна вера дека во себе Го примате Господ и со потребна побожност. А потоа што ќе добие душата – тоа препуштете Му го на Господ. Многу однапред сакаат од Светата Причест да добијат тоа и тоа, а потоа, кога нема да добијат, се вознемируваат, па дури и се колебаат во верата, во силата на Светите Тајни. А проблемот не е во Светата Тајна, туку во тоа непотребно нагаѓање. Ништо не си ветувајте, туку сѐ препуштете Му на Господ, молејќи од Него само милост: да ви даде сили за секое добро, за Нему да Му угодите. Плодот на причестувањето во срцето, најчесто се чувствува како сладок мир; понекогаш тоа донесува просветлување во мислите и одушевување од предаденоста на Бога; понекогаш тоа речиси ништо не гледа, но потоа се покажува цврстината во делата и непоколебливоста во ветената исполнетост. Овде ќе истакнам дека очигледните плодови од Светата Причест не ги забележуваме затоа што ретко се причестуваме. Почесто причестувајте се, па ќе ги видите утешните плодови на таа Света Тајна.
Господ е Источник (извор) на животот, Кој ги оживува оние кои се причестуваат со Него, а воедно е и оган, кој проголтува. Оној кој достојно се причестува, се храни од животот, а кој недостојно се причестува, се храни со смртта. Иако таа смрт не доаѓа видливо, сепак невидливо се случува во духот и срцето на човекот.
Св. Теофан Затворник
Извор: МПЦ-ОА