логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

✥ .✥ Митрополит Пимен✥ .✥ 

ЗА ВОСКРЕСЕНИЕТО, ГНЕВОТ И ПАНДЕМИЈАТА

   Верувајте во Воскресението на Христа, а не во местото на воскресението.
И ете нѐ пак, полека но сигурно влеговме и во последната недела од Великиот пост. Влеговме во Страсната седмица, во која Нашиот Господ и Спасител Исус Христос излезе на доброволни страдања заради нас луѓето и нашето спасение.
Но, за жал, влеговме и во неделата на пикот на пандемијата од која, заради нас и нашата непослушност, страдаат нашите ближни.
И, што научивме низ овие денови, ем посни, ем обременети со страв и неизвесност?
Зарем со целата онаа побожност што ја носиме во себе и поради која постиме, не научивме дека Христос ќе воскресне и без било кого од нас што не отишол на Воскресната литија и дека можеме насекаде, смирено и побожно, да го дочекаме Воскресението, дури и во нашите домови?
Та Христос не воскресна само во Ерусалим, та Христос не воскресна само во храмовите. Христос воскресна за сите, за секој и секаде. Христос воскреснува во срцето на секој еден од нас што со устата исповеда, а со срцето верува во Воскреснатиот.
Чувајте ги овие зборови во срцата ваши и бидете мудри и послушни. Не бидете злобни. Нели сте слушнале од вашите духовници дека послушанието е голема добродетел во духовниот живот, па така знаејќи го ова, ќе ги послушате ли вашите отци или ќе терате самоволие?
Од нас зависи во каков спомен ќе ни остане овој Велигден.
Ќе го паметиме овој Велигден по гневот што го собираме во себе и кој го истураме врз оние кои ни ги задаваат мерките и препораките? Кон свештенството што не се заложило за отворени богослужби? Ќе го паметиме по сите оние напади што ги трпи свештенството и верниот народ од оние кои нѐ сметаат за назадни и неодговорни, бидејќи не сме ги затвориле црквите и со тоа, од нашата лакомост за пари, сме се покажале како несовесни граѓани кои помагаат при ширењето на опасниот и смртоносен вирус?
Или, можеби, ќе го паметиме овој Велигден и ќе Му благодариме на Бога како за Велигден во кој сме имале доволно време за себе, за да размислиме колку сме подивеле од секојдневната трка со животот и материјалните потреби и дека не е невозможна мисија ако се сака, да можеме да најдеме време за себе?
Или како за Велигден на кој сме биле собрани цело семејство на полноќ пеејќи ја Воскресната ода: „Христос воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи и на оние во гробовите живот им даде!“ И, завршувајќи го постот на трпеза да Му благодариме на Бога што ни ги дал и ги запазил нашите блиски?
Некои, за жал, ќе го паметат со мислите насочени кон своите разболени ближни, а со молитвите кон Бога Воскреснатиот за нив.
Зарем ни на момент не помислуваме дека можело и полошо да поминеме со построги мерки? Зарем не наоѓаме во срцата наши благодарност кон Бога што ќе имаме богослужби? Дека нема нашите цркви да се празни дури и без свештеници во нив?
Фала Му на Бога, имавме разбирање од оние кои ги препорачаа мерките и не ни ги затворија Црквите на Воскресение сосема. Да Му заблагодариме на Бога за тоа. Оттука ве молам, немојте водени од некоја чудна „побожност“ да направиме поголеми штети. Немојте да бараме преку леб - погача, па сите оние што оправдано се плашат да побараат од власта порестриктивни мерки за нас.
Зарем не ви кажале вашите духовни оци дека постот не сте го држеле само за да се причестите на Велигден, туку од послушание? Немате слушнато дека може да се причестуваме без пост и кога ќе спласне пикот на короната?
И уште нешто, што слушам дека се шушка меѓу верниот народ.
Нека нѐ ве води мисла дека ова е прогон на Црквата. И не бојте се. Времена мерка на претпазливост е ова. Не дај Боже, ако стане трајна, па да се користат искуствата на раната Црква од првите три века. И, затоа повторувам... Далеку сме од тие времиња.
Но и да сме блиску. Што можеме повеќе да направиме од она што како христијани треба да го правиме секој ден?
Што, на пример, ако знаеме и дека ги живееме последните времиња? Нели, ние христијаните, секој ден го живееме како последен? Што ако знаејќи дека за месец дена ќе дојде крајот на светот, натрупаме залихи на храна? Ќе живееме неколку месеци повеќе од оние што не верувале дека, ете, доаѓа крајот?
Ја заборавивме ли параболата за неразумниот богаташ од Евангелието?
Нели Бог, со овие зборови, го опомена:
„Безумниче, ноќеска ќе ти ја побарам душата твоја; тоа, што си го приготвил, кому ќе му остане?“ (Лк. 12, 20).
Што ако знаеме дека другиден ќе дојде крајот, ако утре го предадеме последното издивнување на Бога?
Оставете го стравот, оставете го гневот.
Не се влегува во Воскресението ниту со едното, ниту со другото, туку со чисто срце и просветлен ум.
Оставете ја и демонстрацијата на сила и повиците за непослушност. Не заборавајте што Му рече Христос на Петар кога овој го извади ножот да го одбрани во Елеонската гора:
„Мислиш дека не можам да Го помолам сега Својот Отец, да Ми прати повеќе од дванаесет легиони ангели?“(Мат. 26, 53).
Верувајте во Воскресението на Христа, а не во местото на воскресението.
Ќе повторам...
Христос ќе воскресне секаде, за сите и за сѐ.
✥ .✥

Јереј Дејан Милоски

    Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. АМИН!
 
Возљубени браќа и сестри во Христа Бога.  
Патот на спасението нè приведе, односно нè донесе до третата станица од седумте што водат до Пасхата Христова – ВОСКРЕСЕНИЕТО.  Во првата си спомнуваме за светото православие и победата над иконоборечката ерес, а во втората станица, која нашата Црква ја посветува на св. Григориј Палама и на светите исихасти, се сеќаваме на кратката Исусова молитва, која во овие денови и тоа како ни е попотребна од било кога. Во оваа трета Крстпоклона недела или како што велиме трета станица од Великиот пост, која Црквата му ја посветува на Чесниот и Животворен Крст Господен, стигнавме до мал благослов Божји за да најдеме одмор, мала воздишка и радост од сите случувања, од сите искушенијата што жестоко нè прогонуваат во оваа година од нашиот живот. Поминуваме низ жестоки кризи, чија природа е најразлична, односно, кризата е како економска така и политичка, а да не речам и духовна, која во најмала рака ја предизвика вирусот односно болеста со која се соочуваме. Во овие денови на големи искушенија, постојано си го поставуваме прашањето дали навистина се соочуваме со војна објавена од планетата Земја против човекот или пак е војна против Црквата, а можеби и навистина станува збор за некаков вирус, чија природа допрва треба јасно да се испита и да биде откриена и уште поважно: неговото потекло дали е природно или пак е смислено во нечија лабараторија, па место за болест да станува збор за проект. Но, и покрај сè ќе си спомнам на зборовите од пророкот кој вели: „Синко мој, ако сакаш да Му служиш на Господа, приготви ја душата своја за искушение. Подготви го твоето срце и биди цврст... Примај со радост сè што и да ти се случи; биди трпелив и во промените на твоето понижување“ (Сир. 2, 1-4).
Неволјите отсекогаш биле знак на избраност од страна на Бога. За патријарсите, пророците, апостолите, мачениците и преподобните, тие претставувале знак на Богоугодност. Сите светии поминале по тесниот пат на искушенија и страдања, со своето трпение се принесувале себеси како благопријатна жртва на Бога.  
И, денес, по волјата Божја, на светите души им се дозволуваат различни искушенија, за нивната љубов кон Бога да се открие во својата јасност.
Ништо не се случува со човекот без согласност и допуштение Божјо.
Христијанинот, кој сака да Го следи нашиот Господ Исус Христос и по благодат да стане син Божји роден од Дух, пред сè, треба да си земе за правило и задолжителна обврска – доброволно трпение на сите неволји и телесни страдања, и навреди од луѓе, и демонски клевети, па и побуни на сопствените страсти. На христијанинот кој сака да Му угоди на Бог, потребно му е, пред сè, трпение и цврста надеж во Бога. Тоа оружје тој постојано треба да го држи во духовната десница, бидејќи нашиот лукав непријател, ѓаволот, од своја страна ќе ги употребува сите средства за да нè турне во неволја, во униние и да ни ја украде надежта во Господа. Бог, на Своите вистински слуги, никогаш не им допушта искушение кое ги надминува нивните сили. „Верен е Бог – вели свети апостол Павле – Кој нема да позволи да бидете искушувани повеќе од силата ваша, а заедно со искушението ќе ви даде и излез, за да можете да трпите“ (1. Кор. 10, 13). Искушенијата кои Бог ги допушта се според нашата издржливост. Секако, многупати во прашање се само обични замки. Силен ветер често го корне од земјата она дрво, кое нема длабоки корени.
Нормално, никој не може да ѝ наштети на својата душа, освен самите на себе.
Во искушенијата кои Бог ги допушта, човекот се испитува себеси и ја осознава својата духовна состојба. Добро е што Бог допушта искушенија, инаку и понатаму би имале скриени страсти. И кога би нè пуштил во рајот онакви какви сме, тоа ништо не би вредело, зашто и таму, пак, би направиле проблеми. И токму заради тоа допушта страданија за да ја очистиме душата со солзи и покајание и да се „приклониме“ кон Бога, како кон Спасител.
Ѓаволот, како создание и слуга Божји, не ја мачи душата колку што сака, туку колку што Бог ќе му допушти.
Ако на луѓето им е познато колкав товар може да поднесе различен товарен добиток, тогаш колку повеќе бесконечната Божја Премудрост знае колкава мерка на искушенија ѝ одговара на секоја душа.
Грнчарот знае колку време треба да ги чува во оган глинените садови, бидејќи, ако останат подолго, тие пукаат, а ако не останат доволно долго, не се подготвени за употреба; колку ли повеќе тогаш Бог знае на кој степен ќе треба да биде оганот на искушенијата за словесните Божји садови – христијаните, за да станат способни да го наследат Царството Небесно.
Искушенијата и неволјите му се испраќаат на човекот заради негова корист: душата која е обземена од нив станува силна и чесна пред својот Господ. Ако претрпи до крај со надеж на Бога, тогаш не може да биде лишена од богатствата кои ѝ се ветени од Светиот Дух, како и од потполно ослободување од страстите.
Душите се изложени на разни неволји – јавни, кои им ги донесуваат луѓето, или тајни, од недолични помисли во умот, или, пак, на телесни болести – и ако сето тоа го претрпат до крај, тогаш се удостојуваат со венци, исти како и маченичките, и со смелост (пред Бога) иста како нивната. На нашето сегашно искушение, како и на оние кои во иднина можат да се појават, не обрнувајте посебно внимание, туку пазете да го поднесете со трпение и со благодарност, молејќи се за оние кои ве навредиле. Од искушенијата не треба да се плашиме, бидејќи Бог е Оној Кој ги допушта и Кој нè чува при нивната појава. Кон искушенијата треба да се има симпатија и ревност; бидејќи, со нив, на нашите души им се изобразува Крстот Христов, со нив се чуваме од пороци, со нив се чуваме во добродетели и само преку нив ни се дава благодат.
Светите Отци расудуваат дека оној што верува дека Бог управува со судбината на сите луѓе, секое искушение го прима како свое, бидејќи Божјото управување не може да биде ниту погрешно, ниту неправедно. Не треба да обрнуваме внимание на своите искушенија: тие се минливи, нема да траат засекогаш. Кој обрнува внимание, ќе се вознемири и секако, лесно може да падне во униние или изнемоштеност. И самите знаете – каде и да живеете на земјата, треба да поднесувате искушенија. Се чини дека нè искушуваат луѓето, но тие без Промислителот не би можеле ниту да нè допрат. Така, во нашите неволји ќе се предаваме на волјата на Создателот и ќе сметаме дека неволјите ги заслужуваме – па ќе бидеме мирни.
Излегувањето од искушението не е промена на местото, туку предавање на себеси на волјата Божја и самоукорување, а од тоа се раѓа трпение. „Кога сосема ќе се истоштиме од искушенијата и ќе негодуваме на нив, се наоѓаме во опасност да станеме богоборци  – рекол еден свет отец – бидејќи очигледно стануваме против допуштањето на Божјата Промисла на нас, која дозволува да бидеме искушувани за наша голема корист“.
Животот на христијанинот на земјата е синџир на страдања. Треба да се бориме со своето тело, со страстите, со духовите на злото. Во таа борба е нашата надеж. Нашето спасение е нашиот Бог. Надевајќи се на Бога, со трпение треба да го носиме товарот на борбата. Искушенијата како да го мелат човекот, претворајќи го зрното во брашно. Тие ни се допуштаат по Божјата Промисла, на наша голема душевна корист; од нив ќе добиеме срце покајно и смирено, кое Бог нема да го презре.
Преподобен Марко Подвижник рекол: „Кога ќе дојде искушението, не барај како и од кого дошло, туку барај да го поднесеш со благодарност“. Расудувањето кое го забранува преподобниот Марко, само ја вознемирува душата и помага во неа да биде посеано семето на омразата и злопамтењето кон ближните, додека благодарењето на Бога за испратеното искушение, душата ја воведува во пристаништето на верата, ја помирува со ближните и служи како повод за духовна радост.
Преподобен Макариј Велики вели: „Душите кои не се искушувани со страдања нанесувани од злите духови, сè уште живеат во детска возраст, и така да кажам, неспособни се за Царството Небесно“.
Свети Григориј Синаит вели: „Ако човекот не биде напуштен, поразен и совладан, ако не се потчини на секоја страст и помисла, и ако духовно победуван, не биде оставен без никаква помош, од Бог или од било кој друг, и скоро да падне во очај, бидејќи е искушуван од сите страни – тој нема да може да дојде до покајност на духот и себеси да се смета помал од сите, последен слуга на сите, како оној кој им е потчинет на демоните кои го мачат и победуваат. Тоа е – со Божја Промисла, внимателно дозволено казнувачко смирение, по кое Бог веднаш дарува и друго, возвишено, кое е Божествена сила која дејствува преку Бог и со него сè извршува; неа човекот во себе ја гледа како орудие и со тоа орудие ги извршува чудата Божји“.
Така се објаснува таа чудесна глетка која ја претставуваат Божјите светии: како садови на Светиот Дух, тие воедно се гледале, признавале и исповедале себеси како најголеми грешници, кои заслужуваат и минливи и вечни казни. Тие добро ја познале и изучиле својата падната природа, во која нема ништо неизвалкано, па затоа секое добро што се извршувало преку нив, потполно уверено го припишувале на Божјата благодат, која се вселила во нив, постојано плашејќи се, од паднатата природа да не проникне некаква помисла или чувство, со кои би го навредиле Светиот Дух. Брзиот премин од состојба на борба во состојба на духовна слобода не е корисен за човекот.
Свети Макариј Велики забележува дека: „Душите, кои веќе станале причесници со Божествената благодат, кои се преисполнети со небесна сладост и се насладуваат со духовно спокојство, но не се осведочени и искушувани со страдањата кои ги нанесуваат злите духови, често живеат, така да кажеме, во детска возраст и не се способни за Царството Небесно. ’Ако, пак, останете без казна, во која сите станаа соучесници – вели Божествениот апостол – тогаш сте деца незаконски, а не синови’ (Евр. 12, 8). Затоа, и искушенијата и неволјите на човекот му се праќаат за негова корист, за душата испитана со нив да стане поцврста и почесна пред својот Господ. Ако таа претрпи до крај, со надеж во Господа, тогаш не може да не ги добие богатствата ветени од Светиот Дух и целосно ослободување од страстите“.
Слуги Божји! Со сигурност знајте дека неволјите кои ни се случуваат не доаѓаат сами од себе, туку по Божја дозвола. И потрудете се на секој начин да ги поднесете со трпение и долготрпение, принесувајќи за нив славословие и благодарење на Бога! Знајте дека оној, кој им се спротивставува на неволјите и сака да го оддалечи од себе патот на страдањата, дејствува против своето спасение и во својата заслепеност тежнее кон тоа да го разори поредокот и начинот на спасение кој Бог го востановил за сите Свои слуги.
И на крај ќе додадам: „Кој претрпи до крај ќе биде спасен“. (Мт. 10, 22).
     Амин!

 

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Беседи

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Како што постојат места на земјата на кои успева само еден вид растение и нема такви други места на кои истото растение би растело, така и во Црквата Христова постои...

 Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Незамисливо е да се биде христијанин без подвиг и крст. Оној што води лесен живот не може да се нарече христијанин. Некои луѓе отсекогаш верувале дека христијанин е оној кој...

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Тоа бил празникот на христијанското царство, кое се родило под закрилата на Крстот, во денот кога царот Константин го видел Крстот над кој пишувало:: „Со ова ќе победиш…” Тоа е...

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Во Ветената земја - Палестина, дадена на израилскиот народ од Бога, во планините на Галилеја се наоѓа градот Назарет. Во тоа време тој бил толку непознат и малку важен, што...

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Самиот тој, со својот начин на живот, е олицетворение на покајанието. И нормално, не би ни можел да биде повикан од Бог да проповеда покајание ако целата негова сила не...

БОГОРОДИЦА

БОГОРОДИЦА

„Испитувајќи што му е најпотребно на молитвеникот за да беседи со Бог, по кој пат доаѓа молитвата, Богородица го пронаоѓа свештеното тихување..., оддалеченост од светот, заборав на сè земно и...

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

И колку славно било Нејзиното успение! Со каква светлина сјаело Нејзиното пречисто лице. Колку прекрасно, неописливо, неспоресливо благоухание извирало од нејзиното пречисто, приснодевствено тело, како што пишува св. Дионисиј Ареопагит,...

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Многу е важно правилно да разбереме и да ги запомниме зборовите на тропарот на великиот празник на Успението на Пресвета Богородица: „... По Успението не си го оставила светот, Богородице...’’.Нејзината...

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

А и зошто Господ, пред почетокот на Преображението ги избира најглавните од апостолскиот лик и ги возведува со Себе на гората? Секако, за да им покаже нешто големо и таинствено....

« »

Православен календар (2)

 

23/12/2024 - понеделник

Божикен пост (строг пост)

Светите маченици Мина, Ермоген и Евграф; Преподобна Ангелина и Св. Јован Деспот; Светиот маченик Гемел; Преподобен Тома Дефуркин;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Велики сте вие Мино и Ермогене,кои лично Христово присуство вовашите страдања измоливте.Благодатта преку вас не само Евграфа туку и целото...

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Се зарадува душата твоја во Господа,а таа радост по твоите молитви Христос ја пренесе на верните свои,о Ано смирена слугинко...

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Како првоповикан меѓу апостолите,и брат на врховниот апостол,Андрее, моли го Владиката на сите,мир да ѝ подари на вселената,и на душите...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная