Почитувани,
Ве информираме дека на 14 декември 2009 година (понеделник), во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена традиционалната биенална изложба на Ликовната колонија Галичник 2007-2008, насловена “Уметнички врски и размена на идеи”.
На изложбата ќе бидат поставени 60 дела на 18 автори, учесници на сесиите на оваа реномирана манифестација - 2007 и 2008 година. Со оваа изложба се одбележуваат 20 години пулсирање на оваа значајна меѓународна уметничка работилница, јубилеј кој уште еднаш го потврдува квалитетот и современата тенденција на организаторите на Галичката колинија, Нове Франговски и Ана Франговска Стојановска.
“Веројатно најреспектираната ликовна колонија во Македонија - Галичката ликовна колонија - иако со веќе докажан квалитет во досегашното работење, продолжува интензивно да се развива преку континуирано следење на рецентните случувања во ликовната уметност, не само кај нас туку и во Европа и светот. Квалитетот на Галичката ликовна колонија, го потврдува и фактот што таа е една од ретките ликовни колонии кај нас (а и на Балканот) која е секогаш отворена за млади уметници кои негуваат различни видови современ визуелен артистички израз. Преку селективен избор на учесници, оваа колонија им пружа особена поддршка и на оние уметници кои работат со “некласични” медиуми, од кои како пример може да го наведеме видеото кое се уште е раритет на ликовните колонии.
...На организаторите на Галичката ликовна колонија им посакуваме уште мону успешни реализации во иднина кои ќе продолжат да ги задоволуваат и најстрогите познавачи на ликовната уметност.” - вели Маја Чанкуловска-Михајловска во предговорот на каталогот.
Изложбата ќе биде отворена до 21 декември 2009 година.
Со почит,
НАЦИОНАЛНА ГАЛЕРИЈА НА МАКЕДОНИЈА