Театарски претстави, концерти на групите „Чалгии саунд систем“, „Љубојна“, „Фолтин“ и Суперхикс“, изложби, занаетчиски работилници, жонглерски перформанси, поетски читања, дегустација на вино и храна се само мал дел од настаните што ќе се случуваат денеска во 20 часот на еден километар долгата „сцена“ распослана од Камениот мост низ турската чаршија до Музејот на Македонија. Почнува кај Камениот мост во таканаречената Зона на запознавање, која ќе се простира се до Даут -пашиниот амам.Станува збор за проектот „Реоткривање на патеката на културата“, чија цел е да се воспостави музејски дистрикт во Скопје. Манифестацијата ќе се одржи во рамките на Скопско лето. Организатор е Меѓународната менаџмент група ИМГ, која имплементира активности од областа на образованието и на културата финансирани од италијанската влада, а реализацијата е помогната од Културниот центар ЦК во Скопје.
- ИМГ е фондација која досега има финансирано повеќе проекти во земјава како формирањето на вински музеј, заштита на археолошките локалитети Стоби и Хераклеа и многу други. „Реоткривање на патеката на културата“ е дел од активностите на ИМГ, чија цел е да се користи културата како извор за економски развој. Така идејата за овој проект е формирање таканаречен музејски дистрикт во Скопје. Старата чаршија денес ќе биде сцена на која ќе ги реоткриеме подзаборавените агли на сопствениот град и ќе се воспостави синергија на културните вредности и урбаниот пулс на Скопје - вели Ана Зафирова, портпарол на проектот.
Манифестацијата е „поделена“ на четири зони, а во секоја од нив публиката ќе може да види различни типови случувања. Следна е Зоната на вкусовите каде што во 21 часот кај винаријата „Темов“ концерт ќе одржи групата „Чалгии саунд систем“, а потоа во Капан ан ќе настапи етно-бендот „Љубојна“. Во 22 часот во Чифте амам закажани се театарска претстава и поетски читања, во „Галерија 7“ ќе има Караѓоз театар, а во Сули ан ќе свири бендот „Фолтин“ и сето тоа е во рамки на третата - Зона на уметноста. Завршна точка е Зоната на перформансите - во Безистенот ќе има музичари и жонглери кои го насочуваат движењето на публиката пред платото на Кушумли ан и пред Музеј на Македонија, каде што ќе може да се види изложбата на главниот проект за реновирање и за унапредување на Музејот на Македонија изработен од студентите на Архитектонски факултет во Скопје и потоа на истото место следува кулминацијата на вечерта - бесплатен концерт на групата „Суперхикс“ по повод 15 години од нивното постоење. Во манифестација се вклучени повеќе од 200 активни учесници.
(А.А.)