Со операта „Плаштот“ од Џакомо Пучини утревечер, во 21.30 часот на плоштадот Македонија ќе биде отворена културната манифестација Скопско лето, која ќе трае до 31 јули. Ако врне, претставата ќе се одржи во Македонската опера и балет. Диригент ќе биде Саша Николовски-Ѓумар, режијата на претставата е на Цветан Стојановски, а ќе настапи ансамблот на Македонската опера и балет. Претходно во 20.30 часот во Музејот на град Скопје ќе биде отворена изложбата „Моделот како Матрикс и Метафор“ со дела од повеќемина уметници од германскиот град Нирнберг. Годинава Скопско лето ќе се одржи по 30. пат.
- Триесет години можеби и не се голема бројка во споредба со големите светски традиции, но за нас навистина претставува задоволство што успеавме да ја достигнеме оваа зрелост на манифестацијата. Во нејзиното градење од година во година учествуваат многу уметници, ентузијасти, креативци кои ја почнаа идејата. Скопско лето ја задржа својата концепција, а од друга страна најави и нешто ново. Манифестацијата покажа подготвеност подлабоко да се нурне во истражувања од областа на изведувачката уметност заедно со авторите - рече Никола Глигоров од Дирекцијата за култура и уметност, која го организира Скопско лето.
Публиката во Скопје ќе има можност да присуствува на повеќе од 70 концерти, изложби, претстави, филмски проекции, промоции, мултимедијални перформанси на кои ќе продефилираат повеќе од 2000 уметници од нашата и од петнаесетина странски земји. Симон Трпчески и пријателите, Драган Даутовски и неговиот квартет, ансамблот „Танец“, уметникот Александар Станковски се дел од домашните автори кои ќе и' се претстават на публиката. Премиерно ќе бидат изведени претставите „Маркиза“ во режија на Ѕвезда Ангеловска и „Едип“ во режија на Златко Славенски. Ќе има гостувања на оркестри, солисти, уметници од Канада, Велика Британија, Франција, Германија, Албанија, Србија, Хрватска, Бугарија, Унгарија. Традиционално и годинава поголемиот дел од изведбите ќе бидат на отворени локации.
(Т.О.)