Со концерт на Македонската филхармонија, под раководство на маестро Доријан Вилсон, вечерва во 21 часот на скопскиот плоштад Македонија ќе биде отворен мултимедијалниот спектакл „Види музика-слушни слика-добиј книга“. Со оркестарот ќе настапат и солистите, тенорот Благој Нацоски и сопранот Ана Дурловски. Додека трае концертот ликовните уметници Симонида Филипова-Китановска и Нехат Бекири ќе имаат ликовен перформанс на големи платна. Тие ќе сликаат со акрилни бои. За љубителите на литературата бесплатно ќе бидат доделени 20.000 примероци од „Новела за сонот“ од Артур Шницлер.Уметничкиот спектакл на плоштадот, вторпат го организираат скопскиот Културно-информативен центар и Македонската филхармонија.Директорката на Филхармонијата, Маја Чанаќевиќ, најави дека со спектаклот ќе биде означен и крајот на нивната концертна сезона.
- Концептот на програмата годинава е поблизок до она што се нарекува стандардна или традиционална класична музика. Лани имавме филмска музика и спој на електронска музика со симфониска музика. Годинава решивме оркестарот на Филхармонијата, заедно со солистите, да и' го доближат на публиката она што ние го нарекуваме популарни дела од класичната музика - рече Чанаќевиќ.На програмата ќе бидат изведени дела од Росини, Пучини, Дворжак, Бернштајн, популарната свита од легендардниот џез-музичар Елингтон и други.Според Златко Стефковски, директор на Културно-информативниот центар уметниците ќе сликаат платна долги 10 и 12 метри.
- Годинава се навршува една декада од смртта на култниот режисер Стенли Кјубрик и од неговиот последен филм „Очи ширум затворени“. Сметавме дека сите што го гледале филмот ќе биде добро да ја прочитаат и „Новела за сонот“ од Шницлер - рече Стефковски.Благој Нацоски се надева дека концертот ќе биде уживање за публиката на плоштадот Македонија. Ликовниот уметник Бекири вели дека сликањето на отворена сцена ќе предизвика задоволство за секоја публика. Ова не е интимно сликање што сликарите го практикуваат вообичаено во нивните ателјеа, туку ќе се одвива пред публика и е еден вид демистификација на тоа творештво - вели Бекири.