Од сабота до 22 јули за првпат Општина Карпош ќе ја организира манифестацијата "Културно лето - Карпош 2008". Во рамките на Културното лето, на пет локации во Општината секоја вечер ќе се одржуваат театарски и балетски претстави, рок и етно - концерти, програма за деца, како и вечер на оперски арии. Жителите на Карпош, покрај домашни уметници, ќе ги забавуваат и фолклорно друштво од Измир, Турција, театарска група од Врање и Балканскиот гудачки квартет, составен од членови од Србија, Романија и од Македонија.
Настапите ќе почнуваат во 21 часот, а ќе се одржуваат во Амфитеатарот на Кејот на Вардар, во близина на мостот Обединети нации, во ТЦ Карпош 3, на платото пред Млечниот ресторан, кај манастирот "Пантелејмон" и на локалитетот Скупи каде што, традиционално, ќе се одржат "Денови на Александар". "Деновите на Александар" секоја година ги организира Зружението Ксантика, на локалитетот Скупи, а годинава ќе бидат дел од културното лето.
"Во сите големи градови секојдневно се одржуваат вакви манифестации. Со оваа културна програма сакаме да им понудиме на граѓаните во жешките денови малку да се релаксираат со музика и со добри театарски претстави. Ќе има програма за сите возрасти. Децата ќе ги забавуваат учесниците на фестивалот 'Златно славејче' , за младите организираме рок-маратон на Кејот, кој ќе трае цела ноќ, а за постарите ќе има театарски претстави, етно и сериозна музика", рече градоначалникот на Општина Карпош Андреј Петров.
Општина Карпош Културното лето го организира заедно со невладината организација МАГ. За реализација на манифестацијата од буџетот на Општината се издвоени 500. 000 денари. (А.А.)
|