Во среда, со почеток во 20:30 ч. во Културно Информативниот Центар во Скопје ќе биде промовиран зборникот со егзегетски беседи под наслов Каскади, на Неговото Високопреосвештенство Митрополит Американско-Канадски Методиј Златанов, во издание на издавачкиот центар “Три”.
Беседите во овој зборник, најнова публикација на отец Методиј, по својата суштина го продолжуваат континуираниот историски потход на македонскиот беседнички жанр од самите почетоци на словенската писменост и од времето на светите Климент и Наум, Охридските Чудотворци.
Но, беседничкото слово на отец Методиј не робува на строгата византиската омилитска форма. Тоа не извира само од сувопарната, апстрактна и учена еклисиологија, ниту е претенциозно маниристичко, туку е оросено од сопствениот долгогодишен духовен подвиг и пастирски опит. Беседите се синергија на врвното интелектуално наѕидување и молитвениот трепет на срцето. Во својата структура, тие се многу блиски до прагматичната реторика на свети Јован Златоуст, бидејќи со вистински одбрани зборови ги опфаќаат вечните вистини на Евангелието и секојдневните проблеми на современиот христијанин.
Книгата претставува запис на поучителните беседнички слова изречени за време на неделните и празничните богослужби пред верниот христијански народ во преполниот храм Св. Ѓорѓи во Кривидол во Скопје. Во форма на толкување на евангелските четива кои се читаат за време на Божествената Литургија, беседите се извор на исклучителна духовна инспирација и патеводител во редовното исчитување на библиската литература.
Промотери на зборникот Каскади ќе бидат монахиња Синклитикија и Дарко Петровски.