Изложба „Креативен код“ во Чифте амам
Проект по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост
Националната галерија на Република Северна Македонија на 16 декември 2022 (петок), во 14 часот, во објектот Чифте амам организира изложба на проектот „Креативен код“
Во рамките на својата Годишна програма, едукативното одделение на Националната галерија со години наназад организира голем број едукативни проекти посветени на ранливите категории. Проектите имаат за цел социјализација на лицата со хендикеп и подигнување на јавната свест. Ваквите креативни работилници преку моделот на социјална инклузија развиваат чувство на прифаќање, толеранција и почит кон различностите, а низ кретивност и дружба создаваат уметност. Во проектот „Креативен код“ учествуваа децата од Државен училишен центар за образование и рехабилитација на лица со оштетен слух и говор „Партение Зографски“ заедно со учениците од гимназијата „Јосип Броз-Тито“, паралелката по меѓународна матура, и студентите од Машинскиот факултет, отсек Индустриски дизајн.
/cp/ps/Mail/Downloader?uid=37007&d=t.mk&u=kalina.premin&contentSeed=d13d9&pct=8561d&c=yes&an=DefaultMailAccount&disposition=inline&fp=INBOX&dhid=attachmentDownloader&ai=5&attachmentID=f_lbnly6007
Темата на проектот беше шума. Низ работилниците, вредните раце на креативците најнапред изработија скици на зададената тема. Готовите скици на „волшебната шума“ добија тродимензионална форма на скулптури со поддршка на студентите од Машинскиот факултет, отсек Индустриски дизајн. Современата опрема и технологија која ја поседуваат машинците ни ја ставија на располагање, ги испринтаа дрвцата со 3Д-принтери во просториите на факултетот. Искуството беше одлична можност за осознавање на нова технологија и стекнување нови вештини. На крајот од циклусот, во просториите на Европската куќа во Скопје, со поддршка на Европската делегација „волшебната шума“ го доби својот колорит.
На свеченото отворање на изложбата, настанот ќе биде збогатен со инклузивен музичко-визуелен перформанс кој ќе го создадат инструменталистите од Ансамблот за народни игри и песни „Танец“, учениците од насоката за Традиционална музика и игра од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, перкусионистот и визуелен уметник Влатко Митев и децата од Државениот училишен центар за образование и рехабилитација на лица со оштетен слух и говор „Партение Зографски“. Сите присутни на настанот ќе ги поздрави директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими и Маја Димитрова, едукатор во едукативното одделение.
Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Национална галерија на Република Северна Македонија