Во петок, 15 декември, во камерната сала на Македонската филхармонија во 20 часот, ќе се одржи Мултимедијален концерт на кој ќе бидат изведени дела од двете истакнати македонски композиторки Дарија Андовска и Ана Пандевска. Покрај звукот, концертот ќе биде збогатен и со видео проекција, како и со танцов перформанс, а повеќето од делата се создадени за акустични инструменти и фиксен медиум.
Публиката ќе има можност да ги слушне делата на Дарија Андовска: „ThERanatOS – part 4 – Operating System“ за фиксен медиум и видео (видеото го изработи Мартин Иванов), „Zugzwang“ за виолина, пијано, удиралки и фиксен медиум, „Book of the Devil Valley Master“ за соло удиралки и фиксен медиум и „Apoptosis – a brief history of small deaths“ за фиксен медиум и танцов перформанс, на кој ќе учествуваат студенти од одделот за современ танц при ДМБУЦ во кореографија на Елена Антонова Петровиќ. Во изведбата на композициите на Андовска ќе учествуваат Влатко Нушев на удиралки, Владимир Костов на виолина и Марија Вршкова на пијано.
"Book of the Devil Valley Master" веќе 4 години се презентира на циклусот предавања "Writing for percussion" на CalArts University, Калифорнија, САД. Од 2014 "Book of the Devil Valley Master" е дел од задолжителната литература за перкусионисти на Конзерваториумот за музика во Осака, Јапонија. "Zugzwang" неодамна беше изведена од ERGON ensemble во престижната концертна сала Megaron во Атина, а и' претходеа изведби од E.A.R Unit во Boston Court, Бостон и Disney Hall, Лос Анџелес, САД. Во 2015, во Theater Rigiblick, "Zugzwang" во изведба на Tzara ensemble беше дел од авторскиот концерт на Дарија Андовска по повод изборот за Истакнат уметник на Град Цирих- композитор за 2014/2015. "Apoptosis- a brief history of small deaths" е првонаградена композиција на минатогодишниот конкурс на Министерството за култура на Република Македонија, како и „ThERanatOS – part 4 – Operating System“, која е дел од покрупно мултимедијално музичко-сценско дело за симфониски оркестар, фиксен медиум, видео, простор, светло и кореографија, во кое постојат 4 траки и 3 композиции за оркестар, кои можат взаемно да се комбинираат по избор на диригентот, па делото може да трае од 40 минути до речиси 3 часа.
Ќе бидат изведени и три дела на Ана Пандевска: „Дуња и Дарин“ – пет пиеси за пијано и лента, „Landscape Atmosphere“ за пијано и лента и „Life in a Box“ – за пијано и лента, во чија изведба ќе учествува пијанистката Дуња Иванова. „Life in a Box“ е композиција за лента и пијано, напишана во 2015 година. Инспирација за делото се тогашните актуелни општествени случувања, особено прашањето за слободата на медиумите. Од тука и поврзаноста со случајот на новинарот Томислав Кежаровски, кој е еден од најгласните борци за слобода на медиуми. Во делото е претставен целиот процес низ кој што помина Кежаровски заедно со своето семејство, а воедно композицијата е и своевиден печат за едно време низ кое поминуваше нашата држава.
-----------------------
Assoc. Prof. Darija Andovska, MA
University Ss. Cyril and Methodius, Faculty of Music - Skopje
Theory and Composition Department