Националната галерија на Македонија има особена чест да Ве покани на самостојната изложба на академскиот сликар и професор на Државниот Универзитет во Тетово, господинот Решат Амети.
Изложбата ќе биде отворена на 2 септември 2017 год. (сабота), во 20 часот, објект Чифте амам. Изложбата ќе ја отвори директорот на Националната галерија на Македонија, д-р Дита Старова Ќерими.
Решат Амети е роден во Гостивар (1964), дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје 1989 година во класата на професорот Ана Темкова, а дипломската работа ја одбранил кај професорот Ристо Калчевски.
Добитник е на многу награди и признанија како наградата за сликарство „Лазар Личеноски“ од ДЛУМ – 2009 година, „11 Октомври“ за животно дело од областа на уметноста и културата во 2013 година. Учесник е на многу ликовни колонии во државата и надвор од неа.
На изложбата ќе бидат претставени дела од циклусот насловен „Од традицијата“.
Станува збор за повеќе слики во комбинирана техника и масло на платно. Нема сомнение дека Решат Амети е сликар на тајната на своите платна, тој ја открива со моќта на целокупното свое битие барајки од гледачот на своите слики интуитивна моќ на внатрешната рефлексија и перцепција.
Маја Крстевска
Одговорен кустос е Маја Крстевска. Изложбата е дел од манифестацијата по повод отворањето на плоштадот Скендербег и ќе трае до 16 септември 2017 год.