Изминатите денови Рана Чакрабарти од Пало Алто, Калифорнија, САД, кој е експерт за кориснички искуства од светскиот софтверски гигант „SAP“ и лидер во корпоративни иноваци и работеше со пет македонски компании и група од 30 - тина студенти со цел креирање на иновации кои во фокусот го ставаат корисникот и ја зголемуваат конкурентноста на производите и услугите на компаниите на регионалните и глобалните пазари.
Производите на кои што се работеше беа од три индустрии кои се очекува да имаат експоненцијален раст во следните три до пет години и тоа „Персонализирана медицина и генетика“, „Вештачка интелигенција и развој на софтвер“ и „Идни модели во образованието“.
Рана Чакрабарти од гигантот „SAP“ во Македонија дојде на покана на „Њуменс бизнис акцелераторот“ во чии простории се организираше и работилницата, а со поддршка на Програмата за претприемништво на Владата на Швајцарија - „SwissEP“ софтверската компанија „SAP“ стана спонзор и на натпреварот „НАСА Спејс апс челинџ“ кој што акцелераторот го организира во Македонија веќе 3 години по ред.
„SAP“ ова лето отвори и повеќе милионски фонд за инвестирање токму во решенија на млади претприемачи и стартап тимови од Европа и САД.
Оттука во следните два дена експертот ќе се фокусира на работа со македонски стартапи и млади претприемачи на кои ќе им помогне да креираат кориснички мапи и сценарија за одлични искуства, чекор по чекор да го преиспитаат секој аспект на нивниот производ и да ги откријат проблематичните точки, како и да развијат атрактивна приказна за проблемот што го решава нивниот производ или услуга.