Долгометражниот игран филм „Златна петорка“ во режија на Горан Тренчовски, ќе ја има својата прва домашна проекција утревечер, на свеченото затворање на фестивалот „Браќа Манаки“, со почеток во 20 часот во Центарот за култура во Битола.
Сценариото за овој македонски филм е работено по прозни и драмски мотиви на Братислав Ташковски, а на последната верзија работеше косценаристката Билјана Гарванлиева. Продуцент е Дејан Милошевски, директор на фотографија е Апостол Трпески, монтажери се Андрија Зафрановиќ и Аристид Филактов, сценограф е Кирил Спасески, костимограф Нела Тодоровска, шминка Ирена Сенокозлиоска, музиката е на Дарко Спасовски и Горан Керкез.
Во дејствието од филмот главен мотив е парадоксалниот настан од 1951 година кога се ликвидирани петмина млади надежни студенти од Струмица. Филмската екранизација претставува всушност фикција за една насилно прекината и за една започната љубов, меѓу коишто со години натежнуваат копнежот и предавството. Речиси половина век подоцна, во 2016-та, преживеаниот емигрант Алавантие се враќа во родната земја, отпретувајќи некои нови траги од досието кое тајните служби го воделе со кодните имиња на студентите.
Во филмот улогите ги толкуваат актерите Славко Штимац, Јана Стојановска, Љупка Џундева, Игор Ангелов, Петар Арсовски, Васил Михаил, Ненад Милосављевиќ, Билјана Таневски, Дине Дрваров, Стојан Велков, Александар Ристоски, Влатко Илиевски, Григор Јовановски, Игор Тодоров, Виктор Јакимовски и др.
Инаку „Златна петорка“ ќе има светска премиера во официјалната селекција на Интернационалниот филмски фестивал „Реинденс“ во Лондон, на 29 септември.
Филмот официјално ќе започне со дистрибуција низ градовите во Македонија од 6 октомври со премиерата во кино „Милениум“ во Скопје и со струмичката премиера на 7 октомври во НУЦК „Антон Панов“.
На 16 и 23 октомври филмот ќе биде прикажан на фестивалите во Сиднеј и Торонто.
Филмот „Златна петорка“ е во продукција на „Револушн“ од Скопје и е поддржан од Агенцијата за филм на РМ.