15.06 Го празнуваме Светиот свештеномаченик ЕРАЗМО ОХРИДСКИ
Овој светител беше родум од Антиохија и живееше во времето на царевите Диоклецијан и Максимијан. Се подвизувше крепко на Ливанската Гора и имаше од Бога голем дар на чудотворство.
Како архиереј тргна да го проповеда Евангелието. Кога дојде во Охрид, Еразмо го воскресна синот на некој човек по име Анастас и го крсти овој човек. Во таа прилика крсти и мнозина други незнабошци и ги разори идолските жртвеници во Охрид. За ова беше обвинет кај царот Максимијан, којшто во тоа време престојуваше во Илирија.
Царот го изведе пред бакарната статуа на Зевс и му нареди да принесе жртва и да му се поклони на идолот. Свети Еразмо, со благодатта што ја имаше, направи од статуата да излезе страшен змеј и да го исплаши сиот народ. И пак направи светителот со благодатта и змејот пцовиса.
Тогаш светителот Го проповедаше Христа и крсти дваесет илјади души. Огорчен царот нареди и ги заклаа сите овие дваесет илјади христијани, а Еразмо го стави на тешки маки, па потоа го фрли во затвор.
Но му се јави ангел Божји, како некогаш на Светиот апостол Петар и го изведе Еразмо од затворот. По ова овој Божји слуга отиде во Кампанија, каде што им го проповедаше Евангелието на луѓето, па повторно се врати во градот Хермелија, каде што се повлече во една пештера, во која се подвизуваше до смртта.
Пред смртта трипати се поклони кон исток и со воздигнати раце Му се молеше на Бога, Бог да им ги прости гревовите и да им подари вечен живот на оние коишто со вера ќе го повикуваат неговото име.
На крајот од молитвата се слушна глас од небото: „Нека биде како што се молеше, исцелителу мој Еразмо!“
Сиот радосен светителот погледна уште еднаш на небото и го виде венецот на славата кога се спушташе на него и виде хорови ангели, пророци, апостоли и маченици, кои приоѓаа да ја примат неговата душа.
Најпосле самиот возвикна: „Господи, прими го духот мој!“ и издивна, во 303 година. Пештерата со црквичката на Свети Еразмо и денес стои недалеку од Охрид и од неа и до денес се пројавува големата сила на овој Божји угодник, свештеномаченикот Еразмо.
Тропар
Твојот живот си го минал преподобно, премудри, со одеждата на свештенството си се украсил светло; понижуван, со крвта маченичка, Еразмо, се удостои за небесните пречисти почести и, стоејќи пред Света Троица, се молиш за нас, кои те воспеваме.
Кондак
Најтоплиот застапник во неволјите, и добропослушен посредник за оние што просат, Еразмо, сите со песни да го почестиме, зашто неговиот светлоносен и сепресветол спомен не тера да повикуваме: Господи, слава Ти!
Фб Жарко Илиевски
+++++
Св. Еразмо, после апостолот Павле, е втор проповедник на Евангелието во Македонската земја. Во неговото житие се вели дека потекнува од Антиохија. Кога во тие земји ќе настапи гонење на христијаните, тој ќе биде протеран и ќе дојде во овие наши предели, каде што ќе го проповеда и зацврстува христијанството.
Се подвизувал токму на ова место, во горната капела, при овој манастир, кој го носи неговото свето име. Св. Еразмо бил носител на Светиот Дух. Наоружан со молитва, можел да го сочува своето срце чисто, да живее беспорочен живот, да го преумножува смирението и да ја ползува Божествената љубов.
Да се обратиме со искрена молитва кон св. Еразмо. Да го бараме неговото застапништво и тој да биде наш молитвеник. Да се очистиме од сите страсти и слабости, па и во нашите срца и души да се всели Светиот Дух, прославувајќи Го Триединиот Бог. Амин!
фб Свети Еразмо Охридски
++++
Житие: Светите дваесет илјади маченици Охридски
Свети Еразмо направил со благодатта, па од статуата излегла страшен змеј и го исплашила сиот народ. И, светителот со благодатта го погубил змејот. Тогаш светителот Го проповедал Христа и крстил дваесет илјади души. Огорчен царот наредил и ги заклале сите овие дваесет илјади христијани, а Еразмо го ставил на тешки маки, па потоа го фрлил во затвор.
Тропар
Утрински ѕвезди, дваесет илјади поведени од пастирот Еразмо, поитавте кон Сонцето на правдата, венци да добиете за верата ваша, а нас н? востоличивте надеж во нашите молитви да имаме и да повикаме: Радувајте се во Христа, свети воини Господови.