Искрената и цврста вера има голема сила и во состојба е, според зборовите Господови, и планини да преместува (Мат. 17, 20). А во светите евангелија имаме примери како цврстата вера на друг му донела спасување од неволји и страдања. Па така, верата на таткото го спасила синот (Јован 4, 46-53), верата на мајката ја спасила ќерката (Мат. 8, 5-13). Верата во Христа го неутрализира отровот.
Испраќајќи ги своите апостоли во светот за да го проповедаат евангелието, по Своето воскресение, Господ Исус им рекол, помеѓу другото, дека дури и да испијат нешто смртно, нема да им наштети (Марко 16, 18). Ова се исполнило во животот на светиот апостол Јован и маченикот Виктор. За време заточението на светиот апостол Јован на островот Патмос, неговиот мачител наредил да го отрујат апостолот и така да му го одземат животот. За таа цел подготвиле силен отров и му го понудиле да го испие. Тој го зел, ја прекрстил чашата со знакот на крстот и мирно ја испил. Отровот не покажал никакво дејство.
На истиот начин римскиот војвода Севастијан, многубожец, намислил да го усмрти светиот маченик Виктор. Тој му наредил на некој гатач да подготви отров и да му го даде на маченикот. Виктор знаел што му се подготвува, па мирно ја зел чашата со отровот, велејќи:
– Иако не ми е дозволено да примам од вас нешто нечисто и да јадам и да пијам, сепак јас ќе го примам вашиот отров за да ве уверам дека тој нема никаква сила врз оние, кои веруваат во Христа.
По овие зборови, маченикот Му се помолил на Бога и го испил отровот, кој воопшто не му наштетил. Кога го видел тоа гатачот, подготвил уште посилен отров и му го дал на светиот маченик, велејќи:
– Ако го испиеш и овој отров и останеш неповреден, јас ќе го оставам вражањето и ќе станам христијанин.
Светиот маченик Му се помолил на Бога, го испил и тој отров и останал неповреден. Кога го видел тоа гатачот, ги фрлил сите свои гатачки книги и станал христијанин.
(Житие на светиот маченик Виктор)
Извор: Бигорски манастир
10-ти јули 2018 лето Гостодово