30/01/Лето Господово 2008
Преподобен Антониј Велики
Мисирец, роден околу 250 година во некое село Кома близу Хераклеја. По смртта на неговите благородни и богати родители си го подели наследството со својата малолетна сестра, ја згрижи кај некои роднини, својот дел им го раздаде на сиромасите, а самиот во дваесеттата година од животот се посвети на подвижнички живот, како што тежнееше од детството. Најпрво се подвизуваше во близина на своето село, но за да го избегне онеспокојувањето од луѓето, се оддалечи во пустина, на брегот на Црвеното Море, каде што како затворник помина дваесет години не дружејќи се со никого освен со Бога преку непрестајна молитва, богомислие и созерцание, поднесувајќи ги неискажливо трпеливо демонските искушенија.
Неговата слава се пронесе по целиот свет и околу него се собраа многубројни ученици коишто ги поучуваше со пример и со слово на патот кон спасението. За осумдесет и петте години од неговиот подвижнички живот само двапати отиде во Александрија, и тоа првиот пат да бара мачеништво во времето на гонењето на Црквата, а вториот на повик на Св. Атанасиј за да ја собори клеветата на Ариевците дека божем и тој ја прифатил Ариевата ерес. Се упокои во сто и петтата година од животот, а зад себе остави цела војска следбеници и ученици. Иако на беше наобразуван, им беше советник и учител на најучените луѓе на неговото време, каков што беше Св. Атанасиј Велики. Кога некои елински филозофи го искушуваа со книжевна мудрост, Антониј ги засрами со прашањето: „Што е постаро: разумот или книгата? И кое од тие двете е причина за другото?“ Засрамени филозофите се разотидоа, зашто видоа дека самите имаат книжевно памтење без разум, наспроти разумот што го има Антониј. Тој е човек кој го достигна совршенството коешто воопшто може да биде достигнато на земјата. Тој е воспитувач на воспитувачите и учител на учителите; цели осумдесет и пет години се преобразуваше себеси, па само така имаше сила да ги преобразува и другите. Исполнет со многубројни години и добродетели, Свети Антониј се упокои во Господ во 335 година.
29/01/Лето Господово 2008
Чесни вериги на Светиот апостол Петар
Овој ден се споменува заради веригите во коишто беше окован од беззакониот Ирод и кои при појавата на ангелот во затворот паднаа од него (Дела 12, 7). Овие вериги христијаните ги чуваа колку заради споменот на великиот апостол толку и заради нивната исцелителна моќ, зашто мнозина болни се исцелуваа допирајќи се до нив (како од ризата на апостолот Павле; Дела 19, 12). Ерусалимскиот патријарх Св. Јувенал овие вериги ѝ ги даде на царицата Евдокија, прогонетата жена на царот Теодосиј Помладиот, а таа ги преполови и едната половина ѝ ја испрати на црквата на Светите апостоли во Цариград, а другата на својата ќерка, царицата Евдоксија, жената на Валентијан во Рим. Евдоксија му изгради црква на Св. апостол Петар и во неа ги положи овие вериги заедно со оние во коишто апостолот беше окован пред да најде смрт од царот Нерон.
28/01/Лето Господово 2008
Преподобен Гаврил Лесновски
Македонски подвижник. Се подвизуваше во 10 век на Лесновската Гора кај Кратово, каде што му изгради црква на Св. Архангел Михаил. Чудотворец за време на животот и по смртта. Се упокои во Господ на крајот од 10 век.
27/01/Лето Господово 2008
Света Нина, просветителка на Грузија
Роднина на Светиот великомаченик Георгиј и на ерусалимскиот патријарх Јувенал. Бидејќи мајка ѝ и татко ѝ, кападокиски благородници, се замонашија, беше воспитана под надзор на патријархот Јувенал. Уште од малечка кога слушна за грузискиот народ, Света Нина сакаше да отиде во Грузија и да ги покрсти Грузијците. Ѝ се јави Пресвета Богородица и ѝ вети дека ќе ја одведе во таа земја. Кога Господ ѝ го отвори патот, младата Нина навистина отиде во Грузија, каде што за кусо време стекна голема љубов кај народот. Успеа да го покрсти грузискиот цар Миријан, неговата сопруга Нана и нивниот син Бекар, коишто потоа ревносно ја помагаа нејзината мисионерска работа. Во текот на животот Света Нина успеа да ја изврви цела Грузија и да го преведе главно сиот народ во верата Христова, и тоа токму во времето на страшното гонење на христијаните од страна на Диоклецијан. Отпочина од своите многубројни трудови и се упокои во Господ во 335 година. Нејзиниот гроб се наоѓа во Самтаврскиот храм. Изврши многу чуда за време на животот и после смртта.
24/01/Лето Господово 2008
Преподобен Теодосиј Велики
Прв востановител и устроител на монашкото општежитие. Роден е во областа Кападокија, во селото Могаријаси, од благочестиви родители. Како млад го посети Св. Симеон Столпник којшто го благослови и му прорече голема духовна слава. Со кадилницата во која стави ладно ќумурче и темјан, Теодосиј бараше место за да се насели и да основа манастир и запре таму каде што ќумурчето само од себе се разгоре. Овде се насели и почна да се подвизува. Наскоро околу него се собраа монаси од странски земји. Заради тоа изгради по една црква за секој јазик на кој се зборуваше во обителта, и во слава Божја истовремено служеа и се пееја на грчки, ерменски, грузиски итн. Но во денот кога се причестуваа, сите браќа се собираа во големата црква, во која се служеше на грчки. Трпезата и имотот им беа заеднички на сите, трудот и трпењето заеднички, а неретко и гладувањето. Теодосиј им беше возвишен пример за живот на сите свети монаси, пример во трудот, во молитвата, постот, бдеењето и во сите христијански добродетели. И Бог му подари дар на чудотворство, па можеше да исцелува болни, да се јавува на далечина и да помага, да умножува леб и пченица. Молитвата му беше на усните дење и ноќе. Се упокои мирно во Господ кога имаше сто и шест години, во 529 година.
23/01/Лето Господово 2008
Свети Григориј, епископ Ниски
Брат на Св. Василиј Велики. Најпрво беше презвитер, зашто беше оженет, а кога умре жена му, блажената Теозва, го избраа и го посветија за епископ во Ниса. Се одликуваше со огромна светска ученост и духовен опит. Учествуваше на Вториот Вселенски Собор. Се мисли дека тој го составил вториот дел од Символот на Верата. Голем беседник, толкувач на Светото Писмо и богослов. Заради поразот што го претрпеа од него, аријанците се имаа особено наострено против него како кон страшен противник, па во времето на царот Валент, нивен едномисленик, успеаа да го симнат Свети Григориј од епископската столица и најнакрај да го протераат во прогонство. Во прогонство тој помина осум години трпејќи секакви беди и понижувања. Најпосле се упокои во длабока старост, на крајот од 4 век, и се пресели во Царството Божјо, останувајќи големо светило на Црквата низ вековите.
Преподобен Амон
Подвижник Мисирски. Четиринаесет години се трудеше и Го молеше Бога да го победи гневот во себе. Достигна толкаво совршенство во добрината што повеќе не беше ни свесен дека постои злото во светот. Извонреден познавач на Светото Писмо. Се упокои во почетокот на 5 век.
Свети Маркијан
Роден е во Рим, но како презвитер до крајот на својот век го проживеа животот во Цариград, поголемиот дел за време на царувањето на Маркијан и Пулхерија. Откако наследи големо богатство од родителите, тој целото го потроши за обновување и изградба на храмови и милостињи на сиромасите. Изгради две нови цркви во Цариград, прочуени по убавината и светоста: на Св. Анастасија и на Св. Ирина. Кога го прашаа зошто толку многу троши за црквите, одговори: „Кога би имал ќерка и би сакал да ја омажам за некој благородник, зарем не би потрошил многу злато за да ја украсам како достојна невеста? А овде ја украсувам Црквата, невестата Христова“. Колку пак овој прекрасен маж беше милостив кон црквите и кон сиромасите толку беше тврд и многу тврд кон самиот себеси, следејќи го советот апостолски: А кога имаме храна и облека, да бидеме задоволни (1 Тимотеј 6, 8). За него пишува: „Сиот беше во Бога и Бог беше во него и се престави кај Господа исполнет со години и добри дела“, во 471 година.
22/01/Лето Господово 2008
Светиот маченик Поливект
Градот Мелитина Ерменска е многу натопен со христијанска крв, како и целата земја Ерменска. Но првата крв за Христа во овој град беше на Свети Полиевкт, пролеана околу 259 година во времето на царувањето на Валеријан. Во тој град имаше двајца пријатели офицери: Неарх и Полиевкт. Неарх беше крстен, Полиевкт некрстен. Кога излезе царската заповед за гонењето на христијаните, Неарх се подготвуваше за смрт, но беше во голема тага што не успеа и својот другар Полиевкт да го обрати во христијанската вера. Кога Полиевкт дозна за тагата на Неарх, му вети дека ќе ја прими Христовата вера. Утредента тој му го раскажа на Неарх овој сон: дека Господ Христос му се јавил во светлина, ја симнал од него старата облека и го облекол во нова, пресјајна, и го поставил на седло од крилест коњ. По ова Полиевкт отиде в град, ја искина царската заповед за мачење на христијаните, ги искрши идолските статуи. Го мачеа и го осудија на смрт. Кога го изведоа на губилиштето, го здогледа Неарх сред толпата и радосно му викна: „Спасувај се, драг пријателу! Сети се на заветот на љубовта што се утврди меѓу нас“. И Свети Неарх подоцна заврши маченички за Христа запален во оган. Неговиот спомен е на 22 април.
Преподобен Евстратиј
Од Тарс. Голем испосник и молитвеник. Поминал во манастир седумдесет и пет години и ниеднаш не легнал на левата страна. Постојано ја говорел во себе молитвата: „Господи помилуј!“ Се упокоил во деведесет и петтата година од животот.
21/01/Лето Господово 2008
Светите маченици Јулијан и Василиса
Обајцата од благородни и богати родители. Венчани во брак, се заветуваа да живеат девствено како брат и сестра. Им го раздадоа сиот свој имот на сиромашните, а самите стапија во монаштво. Јулијан основа машки, а Василиса женски манастир. Јулијан имаше десет илјади монаси, а Василиса илјада монахињи. Кога настана лутото мачење на христијаните под Диоклецијан, Василиса Го молеше Бога нидена од нејзините монахињи да не се исплаши од маките и да не отстапи од православната вера. Господ ја услиши молитвата на Својата достојна слугинка и за шест месеци ги зеде кај Себе сите монахињи редум, па најпосле и нивната игуманија Василиса. Пред смртта Василиса имаше видение за своите сестри на оној свет: сите ѝ се јавија светли и радосни како ангели Божји и ја повикуваа својата духовна мајка да им дојде што побргу. Манастирот на Јулијан беше изгорен од мачителите, а самиот Јулијан го мачеа нечовечно и го убија во најтешки маки. Во маките го крепеше и бодреше Самиот Господ, па сѐ издржа јуначки, ја одржа верата и го прослави името Господово. Заедно со Јулијан беа убиени: синот и жената на мачителот Маркијан; Келасиј и Марионил, кои кога го видоа трпењето на маченикот и самите се обратија во Христовата вера; дваесет римски војници; седуммина браќа од она место; презвитерот Антониј и некој Анастасиј, кого Јулијан за време на мачеништвото со молитва го воскресна од мртвите. Сите чесно пострадаа за Христа и станаа граѓани на небесното Царство околу 313 година.
Преподобен Георгиј Хозевит
Се подвизувал во 7 век во Хозевитската обител на патот од Ерусалим во Ерихон, каде што се подвизувал и Св. Јован Хозевит
20/01/Лето Господово 2008
Свети Јован Крстител
Со оглед дека главната улога на Свети Јован се оствари на денот на Богојавление, древната Црква денот по Богојавление му го посвети на неговиот спомен. За овој ден се врзува и настанот со раката на Светиот Предвесник. Евангелистот Лука, кој посака да го пренесе Јовановото тело од Севастија, во којашто големиот Пророк беше убиен од царот Ирод во Антиохија, родното место на Св. Лука, успеа да ја пренесе само едната рака на Свети Јован, којашто во Антиохија ја чуваа до 10 век. Потоа беше пренесена во Цариград, но во времето на Турците исчезна оттаму. Свети Јован Крстител се прославува неколку пати во годината, но народот најмногу го празнува овој ден, 7 јануари. Меѓу евангелските личности околу Спасителот тој има посебно место: и според начинот на доаѓањето во светот, и според улогата на Крстител на луѓето за покајание, и како Крстител на Месијата, најпосле и според трагичното заминување од овој живот. Се одликуваше со толкава морална чистота што навистина можеше попрво да биде нарекуван ангел одошто смртен човек. Меѓу сите Пророци Свети Јован е единствениот кој можел и со рака да Го покаже Оној за Кого пророкувал. За раката на Светиот Предвесник се раскажува дека секоја година на денот на неговиот спомен архиерејот Антиохиски ја изнесувал пред народот. Понекогаш таа рака се јавувала раширена, а понекогаш згрчена. Во првиот случај означувала родна и богата година, а во вториот неродна и гладна.
19/01/Лето Господово 2008
Богојавление
Кога Господ Исус наврши триесет години од телесното раѓање, го започна Својот учителски и спасителен подвиг. И самиот почеток на тоа го означи со примајќи Крштение на Јордан. Како што вели Свети Кирил Ерусалимски: „Почеток на светот е водата, почеток на Евангелието е Јордан“. Кога Исус Христос се крштеваше во водите на Јордан, на светот му се објави онаа тајна која во Стариот Завет само се навестуваше, за која во Мисир и во Индија единствено се баснословеше: тајната на Божествената Троица. Отецот му се јави на сетилото за слух, Духот на сетилото за вид, а Синот дури и на сетилото за допир. Отецот го изговори Своето сведоштво за Синот, Синот се крсти во вода, а Светиот Дух во вид на гулаб лебдеше над водата. И кога Свети Јован Крстител посведочи и рече за Христа: „Еве го јагнето Божјо кое на Себе ги зеде гревовите на светот“ (Јован 1, 29) и Го потопи и Го крсти во Јордан, со ова се укажа на Христовата мисија во светот и на патот на нашето спасение. Зашто Господ ги зеде врз Себе гревовите на родот човечки и под нив умре (пототпувањето) и оживе (излегувањето од водата); а и ние мораме да умреме како стар и гревовен човек, а да оживееме очистени, обновени и преродени. Тоа е Спасителот и тоа е патот на спасението. Празникот Богојавление (на грчки Теофанија) се нарекува и Просветлување. Зашто настанот на Јордан нѐ просветлува, прво: покажувајќи ни Го Бога како Троица еднобитна и неразделна. И второ: бидејќи секој од крстените во вода се просветлува бивајќи восиновен од Отецот на светлината, со заслуга на Синот, со силата на Светиот Дух.
18/01/Лето Господово 2008
Преподобната мајка Синклитикија
По потекло од Македонија. Воспитана во Александрија. Како богата и угледна девојка многумина ја бараа за брак, но таа сите ги одби и побегна од домот на нејзините родители во манастир. Поживеа осумдесет години, во најголемо воздржание, пост, бдеење и молитва. Нејзините поуки за монахињите се секогаш сметани за вистински духовни бисери, бидејќи Света Синклитикија високата духовна мудрост ја стекна не преку книги, туку преку страдање, мака, низ деноноќно богомислие и духовно општење со Божествениот свет. Во тој возвишен свет со душата се пресели во 350 година. Меѓу другото, говореше преподобната Синклитикија: „Ако е време на пост не оставај го постот божем заради болест, зашто и оние што не постат запаѓаат во исти болести“. Уште велеше: „Како што изложеното богатство брзо го раграбуваат така и добродетелта, кога се разгласува, се помрачува и се губи“.
Светиот свештеномаченик Теопемт и маченикот Теона
Кога Диоклецијан објави гонење на христијанинте, никомидискиот епископ Теопемт беше првиот кој пострада за Христа. Го изведоа пред царот и царот му се закани со смртна казна ако не се одрече од Христа. На оваа закана храбриот епископ одговори: „Напишано е: не бојте се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат. Ти цару, имаш власт над моето тело, прави со него што сакаш“. Многу го биеја, го мачеа со глад и го истизаваа на разни начини. Најпосле царот повика еден маѓепсник, Теона, да му доскокне на Божјиот човек со некои магии. Теона раствори во вода најјак отров и му го даде на Теопемт да го испие. Овој ја прекрсти чашата и го испи отровот. Кога виде Теона дека неговиот отров воопшто не му наштети на Теопемт, се заврте кон царот и возвикна: „И јас сум христијанин и Му се поклонувам на Распнатиот“. Обајцата ги осудија на смрт. Теопемт го убија со меч, а Теона жив во земја го закопаа, во 298 година. Чесно пострадаа и станаа граѓани на Царството Христово
17/01/Лето Господово 2008
Собор на Светите Седумдесет aпостоли
Освен Дванаесеттемина големи апостоли Господ избра уште седумдесетмина други, помали апостоли и ги испрати на проповед на Евангелието, и тоа сѐ двајца по двајца пред лицето Свое во секој град и место, говорејќи: „Еве, Јас ве испраќам како јагниња меѓу волци“ (Лука 10, 1 - 5). Но како што еден од Дванаесеттемина, Јуда Искариот, отпадна од Господ така и некои од овие Седумдесетмина отстапија од Бога, но не со намера за предавство туку според човечка немоќ и маловерност (Јован 6, 66). И како што местото на Јуда беше пополнето со друг апостол така и овие места беа пополнети со други избраници. Овие апостоли се трудеа на истото дело како и Дванаесетте големи апостоли и им беа помошници на Дванаесеттемина во ширењето и утврдувањето на Божјата Црква во светот. Претрпеа многу маки и пакости од луѓето и од демоните, но нивната тврда вера и ревносна љубов кон воскреснатиот Господ ги направија победници на светот и наследници на Небесното Царство.
Преподобниот маченик Онуфриј Хилендарец
Како млад им се налути на родителите и пред Турците изјави дека ќе се потурчи. Веднаш потоа се покаја за тие зборови, отиде во Хилендар и се замонаши. Го мачеше совеста и се одлучи за мачеништво. Со благослов на неговиот духовник појде во Трново пред Турците и се објави како христијанин, го исмеа Мухамед и за ова го заклаа на 4 јануари 1818 година во триесет и втората година од неговиот живот. Телото на овој духовен витез не е сочувано, зашто Турците го фрлија во морето.
16/01/Лето Господово 2008
Света Геновева
Заштитничка на градот Париз. Со подвиг на пост, молитва и милостиња се удостои со Царството Божјо и се упокои на 3 јануари 512 година во осумдесет и деветтата година од нејзиниот живот.
15/02/Лето Господово 2008
Преподобен Серафим Саровски
Еден од најголемите руски подвижници, проѕорливци и чудотворци. Роден е во 1759 година, а се престави во 1833 година. Се одликуваше со големо смирение. Кога сиот свет го славеше, самиот себеси се нарекуваше „кутриот Серафим“.
14/02/Лето Господово 2008
Свети Василиј Велики, архиепископ Кесариски
Роден е во времето на царот Константин. Уште како некрстен петнаесет години во Атина ги изучуваше философијата, реториката, астрономијата и сите други светски науки на она време. Школски другари му беа Св. Григориј Богослов и Јулијан, подоцна цар отстапник. Во зрелите години се крсти на реката Јордан заедно со својот поранешен учител Евул. Беше епископ на Кесарија Кападокиска речиси десет години, а својот земен живот го заврши кога наполни педесет години од раѓањето. Голем поборник на Православието, голем зрак на морална чистота и набожна ревност, голем богословски ум, голем устроител и столб на Божјата Црква - Василиј се нарекува Велики со полна заслужност. Во црковните богослужби најчесто е нарекуван пчела на Црквата Христова, која им дава мед на верните и осило на еретиците. Сочувани се многубројни дела на овој отец на Црквата: апологетски, богословски, подвижнички и канонски; и литургија наречена според неговото име. Василиевата литургија се служи десет пати во годината, и тоа: на 1 јануари, наспроти Божик, на Велики Четврток и на Велика Сабота. Свети Василиј се упокои мирно на 1 јануари 379 година, кога се пресели во Царството на својот Господ.(Од Верскиот календар на МПЦ)
Посети: {moshits}