Одговара: отец Горан Стојчевски
Прашање од Гоца: Дали нашата вера и воедно црквата може да помогне и дали има молитви или било што за оние кои немаат спокој во душата, мир, за нервозата а воедно и за стравовите т.е. фобиите?
Одговор
Секако дека има. Нашата цел во духовниот живот е токму стекнувањето на мирот и радоста во Светиот Дух. Како што имам одговорено и претходно, согласно зборовите на Спасителот, без Мене не можете да направите ништо, потребно е да се потрудиме активно да се вклучиме во животот на Црквата, преку пост, исповед, духовно раководство од духовен отец (свештеник или монах) и согласно неговиот благослов за начинот на постење и молитвено правило редовно да пристапуваме кон светата Причест. А кога ќе се вклучиме во животот на Црквата на тој начин, тогаш секако ќе помогнат и молитвите на Црквата. Секако молитвено многу можеме да си помогнеме и со повикувањето на името Исусово, колку што е можно повеќе во текот на денот (Господи Исусе Христе, Сине Божји помилиј ме мене грешниот/ата). Колку повеќе го средиме нашиот духовен живот и го чистиме нашето срце од гревот преку покајанието толку повеќе ќе ја почувствуваме благодатта Божја т.е. мирот и радоста во Бог. Во Христос е вечниот мир, радост и спокојство, секако доколку се потрудиме на тој пат.