логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

3.angeli.so.trubaВо текот на минатиот месец погребав шест деца од болницата, каде што секоја сабота служам Литургија. Пет момчиња: Женја, Антон, Саша, Алјоша и Игор. И една девојка – Женја Жмирко, седумнаесетгодишна убавица. Од неа на иконостасот во болничката Црква остана икона на светиот великомаченик Пантелејмон. Таа почина од леукемија. Умираше долго и мачно, не и помогна ништо. И овој месец не е ништо поразличен. Пет детски гроба за еден месец – тоа е статистиката

 


СЛЕГУВАЊЕ ВО АДОТ

Во текот на минатиот месец погребав шест деца од болницата, каде што секоја сабота служам Литургија. Пет момчиња: Женја, Антон, Саша, Алјоша и Игор. И една девојка – Женја Жмирко, седумнаесетгодишна убавица. Од неа на иконостасот во болничката Црква остана икона на светиот великомаченик Пантелејмон. Таа почина од леукемија. Умираше долго и мачно, не и помогна ништо. И овој месец не е ништо поразличен. Пет детски гроба за еден месец – тоа е статистиката. Неумолива и убиствена, но статистика. И во секој еден ковчег, милиот, саканиот, чистиот, светлиот, прекрасниот.  Максим, Ксенија, Настја, Наташа, Серјожа…

3.angeli.so.truba 
Денес посетив тројца болни. Клара (Марија), Андреј и Валентина. И тројцата умираат – тешко и болно. Клара е возрасна жена. Го примила неодамна светото Крштение, но човек би помислил дека целиот живот живеела во Црквата – толку е светла, мудра и прозрачна. Андрјуша има 25 години, а неговото синче има само една годинка. За него се молат десетици, ми се чини и стотици луѓе, му набавуваат лекарства, го носат со возило од болницата до неговиот дом и обратно, собираат пари за неговото лечење – но метастазите се насекаде. И овој ден, според ништо не е поразличен од останатите.

Помина половина ден. Почина Клара. И Валентина почина. Во Чеченија загинале шестмина руски војници, а колку чеченски – не кажуваат… Почина Катја (од онколошкото одделение), девојче со огромни сини очи. Ми соопштија токму за време на службата.
Лесно е да веруваш во Бога додека минуваш низ летна ливада. Сонцето сјае, цвеќињата мирисаат и воздухот трепери, опиен од нивниот мирис: „Во небесата Го гледам Бога“ – како кај Лермонтов. А тука? Каде е тука Бог? Ако е Тој благ, сезнаен и семоќен, зошто тогаш молчи? Ако пак на овој начин ги казнува за нивните гревови или за гревовите на нивните родители, како што повеќемината мислат, тогаш Тој воопшто не е „долготрпелив и многумилостив“, тогаш Тој е безмилосен.
Бог го допушта злото за наше добро или кога нè воспитува, или кога сака да нè запази од нешто полошо – така нè учеа богословите од минатото, уште од времето на Средновековието и Византија и ние продолжуваме по нив да го повторуваме истото. Но, зарем мртвите деца се школа на Бога? Или пак допуштање на помало зло, за да се избегне поголемо?
Ако Бог го устроил сето тоа за наше вразумување, тогаш тоа не е Бог, туку зол демон и зошто да му се поклонуваме, ние треба што поскоро да го изгониме од нашиот живот. Ако Бог, за да нè вразуми нас, мораше да ги умртви Антоша, Саша, Женја, Алексеј, Катја…, тогаш јас не сакам да верувам во таквиот Бог.
Да потсетам дека зборот „верувам“ не означува „признавам дека Тој постои“, да „веруваш“ означува да се „доверуваш, да се оддаваш себеси“. Излегува дека беа во право оние, кои низ 30-тите години ги рушеа црквите и ги гореа на клада иконите, оние кои ги претвараа црквите во домови на културата. Тажно. Полошо од тажно – ужасно.
Можеби не треба да мислиме на тоа, туку едноставно да утешуваме? Да им го даваме на луѓето на кои им е особено тешко оној „опиум за народот“ и на нив, малку по малку ќе им олесни. Да утешуваме, да успокојуваме, да сожалуваме. Но, опиумот не лекува, туку само времено успива, ја ублажува болката за три или четири часа и потоа треба одново и одново да се дава. И воопшто, страшно е да се зборуваат невистини – особено за Бога. Не можам така.
Господи што да правам? Го гледам Твојот Крст и гледам колку болно умираш на него. Ги гледам Твоите рани и Те гледам мртов, гол, непогребан… Ти, во овој свет ја сподели нашата болка. Ти, како еден од нас издивнувајќи на крстот, воскликна: „Боже, Боже Мој, зошто си Ме оставил?“. Ти, како еден од нас, како Женја, како Антон, како Алјоша, на крајот на краиштата како секој еден од нас, Ти го упати кон Бога ова страшно прашање и „го предаде духот”.

3.angeli.so.truba
Ако апостолите тврдат дека Исус умре на крстот заради нашите гревови, и ги искупи (изми) со Својата крв, тогаш ние сме откупени (Кор 6,20 и 1Петр 1,18-19) и последователно ние не страдаме заради тоа, заради гревови – наши, на нашите родители, било чии. Заради нив веќе пострада Христос – така учат апостолите и врз тој фундамент се темели целото нивно богословие. Тогаш излегува, дека не се знае, зошто страдаме.
Во исто време Христос, Кој нè откупи од клетвата на законот со Својата чесна крв, оди по земјата не како победник, туку како победен. Тој ќе биде фатен и распнат и ќе умре со маченичка смрт со зборовите: „Боже, Боже Мој, зошто си Ме оставил?“ Ќе Го напуштат сите, дури и Неговите најблиски ученици. Неговите сведоци на верата исто така ќе бидат фатени и убивани, затворани во затвори и логори. И така, уште од апостолско време, та дури до Дитрих Бонхофер, мајка Марија и Максимилијан Колбе, до илјадниците маченици на советскиот ГУЛАГ.
Зошто се случува сето ова? Не знам. Но, знам дека Христос се соединува со нас во бедата, во болката, во богооставеноста – покрај гробот на секое починато детенце јас го чувствувам Неговото присуство. Христос влегува во нашиот живот, за да нè соедини пред лицето на болката и несреќата во едно цело, за да не собере сите заедно, та да не останеме во моментите на беда, „еден на еден“ со таа беда, како што некогаш остана Тој.
Соединувајќи нè во едно цело пред лицето на несреќата, Тој го прави она, што никој друг не може. Така се раѓа Црквата.
Што знаеме за Бога? Само она што Христос ни го откри (Јован 1,18). А Тој меѓу другото, ни ја откри и Својата оставеност од Бога и луѓето – токму во таа оставеност Тој најмногу се соединува со нас.
Грците, а по нив и римјаните сакале да знаат сè. На ова се базира сета античка цивилизација – токму врз таа неумна, суетна и неугасива жед за знаење. И за Бога, кога тие станале христијани посакале да знаат – дали Он може сè, или не? Оттука произлегува терминот „Семоќен“ или Omnipotens, еден од епитетите на Јупитер во римската поезија, којшто често го користел Вергилиј во својата „Енеида“. А Бог е „неизглаголив, непоимлив, невидлив, недостижен“ (тоа го знаеме, не од богословието кое често потпаѓало под влијанието на античката философија, туку од молитвениот опит на Црквата, од нејзиниот евхаристиски опит – не случајно секој свештеник задолжително ги повторува овие зборови за време на секоја Литургија), та ние не можеме да одговориме на прашањето „Може ли Бог сè?“ -  ниту со „да“ ниту со „не“. Затоа, јас незнам кој е виновен за болката, но знам Кој страда заедно со нас – Исус.
Тогаш како да го разбираме случувањето на злото во светот? Едноставно не треба да го разбираме, туку против него треба да се бориме. Да го победуваме злото со добро, како што нè повикува апостол Павле: да ги лекуваме болните, да ги облекуваме и храниме бездомните, да ја запираме војната итн. НЕПРЕСТАЈНО. Ако пак не, ако ни недостасаат сили, тогаш да ја приклониме главата пред Неговиот крст, да се фатиме за неговото подножје како за единствена надеж.
„Бог никој никогаш не Го видел“. И само една нишка нè обединува со Него – човекот по име Исус, во Кого телесно пребива сета полнота Божја. И само една нишка нè поврзува со Исус – името и е љубов. Тој умре на крстот како разбојник. Маченички. Според страшните траги од крвавите рани и подливи на Торинската плаштаница, современите патолози-анатомичари детално ја реконструираат клиничката слика од последните часови на Исус. Тоа е навистина светиња на ХХ век, сиот со ништо непрекриен ужас од смртта. Гледајќи ја сликата на Холбајн „Мртвиот Христос“, херојот на Достоевски воскликнал дека од ваква слика човек може верата да ја загуби. Што ли би рекол, ако можеше да ја види Торинската плаштаница или хитлеровите концентрациони логори, сталинизмот или едноставно – мртовечница во детска болница на крајот на 1995 година.
Што се случило понатаму? Во почетокот на 20-та глава од Евангелието на Јован ја гледаме Марија Магдалена, потоа апостолите Петар и Јован и чувствуваме продорна болка, која исполнува сè во тоа пролетно Пасхално утро: болка, тага, очај, замор и одново болка. Истата таа пронижувачка болка, истата пронижувачка безнадежност, која јасно ја опишува Евангелието од Јован, јас ја чувствувам секој пат покрај гроб на детенце… Чувствувајќи болка, со солзи и очај верувам: Ти навистина Си воскреснал, Господи!
Додека го пишував овој есеј, умре Клара, по неа Валентина Иванова, последен умре Андрјуша – уште три гроба. Едно момченце неодамна ми призна, дека не верува во задгробниот живот и затоа се плаши дека е лош верник. Му одговорив дека неговиот проблем да го восприми сето она што е поврзано со задгробниот живот сведочи токму за спротивното – за неговата искрена вера.
И еве зошто. Еден не многу млад свештеник еднаш ми рече, дека му е многу тешко да зборува за смртта и да ги учи парохјаните да не се плашат од неа, бидејќи самиот тој никогаш не загубил вистински близок човек. Искрено. Многу искрено. И многу точно. Секогаш ми поминуваат морници, кога гледам некој довчерашен семинарист важно и внимателно, но и малку надмено да убедува мајка, која го изгубила своето детенце, дека тоа всушност е за добро, дека Бог така благословил  и поради тоа не треба премногу да страда.
„Бог не е Бог на мртвите, туку на живите. Зашто во Него сите се живи“– еве што ни вели Христос во Своето Евангелие (Лк 20,38). Но, за да допре оваа вест до нашите срца, нам ни е потребен личен опит од страдание, тага и загуба, опит на нурнатост во бездната на очајот, маката и солзите;  потребни ни се, не денови или недели, туку години на продорна болка. Оваа вест влегува во нашето срце, само без седатив и само по цена на лични загуби. Не можеш да ја совладаш како училишна лекција. Смеам да тврдам дека оној кој мисли дека верува без да го преживеал опитот од болката, се залажува. Тоа сè уште не е вера, тоа е докоснување до верата на оние, кои би сакале да ги подражаваме во животот. Нешто повеќе: оној, кој тврди дека верува во бесмртноста и се повикува на соодветната страница од Катехизисот, воопшто не верува во Бога, туку во идолот на сопствениот егоизам.
Верата во тоа, дека во Бога сите се живи, ни се дава, само доколку правиме сè што е возможно за спасување на животот на луѓето околу нас, само доколку не ја користиме верата за чисто егоистични цели: за да не се вознемириме премногу или пак за да не се бориме докрај за нечиј живот, или едноставно за да не нè боли.
Но, од каде е сепак злото во светот? Зошто боледуваат и умираат деца? Ќе се обидам да споделам едно размислување. Бог ни го поверил светот („Ете ви дадов“ (1 Мојс 1,29). Ние самите, сите заедно, го испоганивме овој свет и виновни сме, ако не за сите, тогаш барем за повеќето беди. Ако зборуваме за војните, таму вината ни е најочигледна, при болестите таа не се покажува секогаш, но премногу често (екологијата, загадената средина итн.). Светот во библиска смисла на зборот, светот којшто лежи во зло, т.е. општеството и сите ние заедно – ете кој е виновен.
Помеѓу останатите икони во нашите храмови видно место завзема иконата „Слегувањето во адот“ – на неа Исус е изобразен како слегува  во длабочините на земјата, а истовремено и во длабочините на човековото страдање, очај и безнадежност. Во Новиот Завет за тоа собитие не се спомнува ништо, само во Апостолскиот Символ на верата се спомнати два збора – descendit ad inferos („слезе во адот”). За тоа собитие се говори во многу од нашите црковни песнопенија.

3.angeli.so.truba 
Исус, не само што страда Сам, но и слегува во адот, за да ја сподели болката на другите. Тој секогаш нè повикува да врвиме по Него. Често пати ние навистина се трудиме да врвиме по Него. Но сега…
Сега ние се обидуваме да не ја забележуваме туѓата болка, си ги затвораме очите, си ги зачепуваме ушите. Во советско време ние ги криевме инвалидите во резервати (како на пример на Валаам) за да не ги види никој, штедејќи ја на тој начин психата на нашите сонародници. Болничките мртовечници често беа сокриени во задниот двор, за никој никогаш да не се досети, дека тука понекогаш умираат луѓе. Итн. Итн. Ние и денес, ако не сме верници, се обидуваме да играме со смртта „мачка и глушец“, претварајќи се дека таа не постои. Како што учел Епикур, оградувајќи се од неа итн. Со други зборови, за да не се плашиме од смртта, ние користиме нешто како наркотик.
Ако пак се сметаме себеси за верници, постапуваме не многу поразлично: говориме дека смртта не е страшна, дека таква е Божјата волја и не е добро да тагуваме по починатиот премногу, зашто на тој начин роптаме против Бога. Подобно на неверниците и ние се оградуваме од болката, се штитиме од неа некако инстиктивно, како од крената рака над нашата глава. Накратко, ние исто така користиме ако не наркотик, тогаш аналгетик.
Ова е за нас самите. Кон другите се однесуваме уште полошо. Се обидуваме да го убедиме човекот којшто страда, дека нему така му се причинува, затоа што доволно не Го љуби Бога итн. Како резултат на тоа го оставаме несреќниот, страдален човек сосема сам со својата болка, го отфрламе токму во најтешките моменти од неговиот живот.
А треба едноставно да слеземе со него во адот, следејќи Го Исус – да ја почувствуваме неговата болка во целата нејзина полнота, соголеност и вистинитост, да ја споделиме, да ја преживееме заедно.
Кога почина сестрата на моја осумдесетгодишна роднина, со која таа живееше во една соба целиот живот, една година подоцна таа ми рече: „Ви благодарам што не ме тешевте, туку едноставно цело време бевте тука“. Мислам дека токму во тоа се состои христијанството – да се биде блиску, да се биде заедно, зашто можеш да утешиш човек кој си ги изгубил парите или си го извалкал новиот костум, или си ја скршил ногата. Да утешиш значи да покажеш дека она што се случило не е толку страшно. Во однос на смртта на ближниот таквиот однос не е утеха. Во овој случај таквиот однос е неморален.
Ние сме луѓе на Страсната Сабота. Исус е веќе симнат од крстот. Тој веројатно веќе е воскреснат, бидејќи за тоа зборува прочитаното Евангелие на утринската служба, но никој сè уште не знае за тоа. Ангелот сè уште не изрекол: „Него тука Го нема. Тој воскресна“, за тоа  не знае никој, во тој момент тоа само се претчувствува и тоа само од оние, кои не заборавиле да чувствуваат…

3.angeli.so.truba
 
Oтец Георгиј Чистјаков(1953–2007) беше богослов, доктор на филолошки науки, класичен филолог, историчар, професор. Парохиски свештеник во московскиот храм „Св. Козма и Дамјан“и претстојател на храмот при онколошкото одделение „Покров Богородичен“ во Детската републиканска клиничка болница. Член на управниот совет на Руското библиско друштво и на Меѓународната асоцијација за изучување на отците на Црквата, ректор на Православниот Универзитет основан од протојереј Александар Мењ. Можеби најтешката и би рекле херојска страница од неговиот живот е свештенослужението во Руската детска клиничка болница. Служејќи секоја сабота Литургија на сериозно болни деца, повеќе од десетина години, потоа обиколувајќи ја болницата со Путирот и причестувајќи 70-80 деца, кои немаа сила да станат од постела и да дојдат во болничкиот храм – тоа е подвиг кој малкумина можат да го понесат.

Извор: http://tapirr.com/ekklesia/chistyakov.htm

За Преминпортал:  Дејан Блажески

10ти октомври 2020 лето Господово

 

Друго:

 

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Православен календар (2)

 

21/12/2024 - сабота

Божикен пост (на риба)

Преп. Патапиј; Св. апостоли Состен, Аполос, Тихик, Епафродит, Онисифор, Кифа и Кесар; Св. маченици во Африка;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Како првоповикан меѓу апостолите,и брат на врховниот апостол,Андрее, моли го Владиката на сите,мир да ѝ подари на вселената,и на душите...

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Исповедниче на вистината, сведоку на благодатта, проповедниче на слободата, Парамоне свети мачениче, трубо Божја за сведоштво,оправдание на твоите триста и седумдесет

Тропар на светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици 28 ноември / 11 декември 2024

Тропар на светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици 28 ноември / 11 декември 2024

Голема пофалба и крепост има градот Тивериски,ерарсите, свештениците и левитите: зашто откако идолската прелест ја разобличија, победници над нечестивите се...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная