Поставување камен – темелник на православен храм „Св. Наум Охридски“ во Тринген, Швајцарија
--------------------------------------------------------------------------------
Тринген, 22 септември (МИА) - Македонската православна епархија од Европа по повод 40-годишнината од возобновувањето на Македонската Православна Црква и 15-годишнината од основањето на Црковната општина „Св. Наум Охридски“, денеска организира централна прослава во рамките на која ќе биде поставен камен-темелник за храмот „Св. Наум Охридски“ во Тринген, Швајцарија.
Како што соопшти Агенција за иселеништво, со светата Архиерејска Литургија ќе чиноначалствува Aрхиепископот Oхридски и Mакедонски г.г. Стефан во сослужение со Mитрополитот Европски г. Пимен и Mитрополитот Полошко-Кумановски г. Кирил.
При поставувањето на камен-темелникот беседа ќе одржи г.г. Стефан, а присутните ќе ги поздрават претседателот на Македонската православна црковна општина „Св. Наум Охридски“ Богдан Коцев, како и претставници од Католичката и од Протестантската црква од општината Тритен.
На овој свечен настан ќе присуствува и директорот на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија Васил Наумов.
Попладне ќе се одржи музичка забава во Алменд Хале 1 во Луцерн, на која ќе земат учество групата „Акорди“, Сузана Спасовска, Секула Пупиновски и Ламбе Алабакоски. рп/нс/9: