Сослужување со Православната Црква во Америка

Arh.Stefan.SAD
       На 2 септември 2025 година, во катедралниот храм на Православната Црква во Америка „Св. Николај Чудотворец“ во Вашингтон, САД, беше отслужена Божествена Архијерејска Литургија со која чиноначалствуваа Неговото Блаженство Митрополит Вашингтонски и Архиепископ на цела Америка и Канада г.г. Тихон и Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со многубројни архијереи, свештеници и ѓакони од неколку помесни Православни Цркви, а во молитвено присуство и на Митрополитот Американско-канадски г. Методиј.
      Во текот на Литургијата, Митрополитот Тихон за првпат го спомна Архиепископот Стефан во Диптихот на Поглаварите на Православните Цркви, со што и литургиски беше потврдено признавањето на автокефалноста на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, од страна на Православната Црква во Америка.
На многурадосниот евхаристиски принос присуствуваа и македонски свештеници, претставници на црковните управи и верен народ на нашата помесна Црква од Америка и Канада.
По Божествената Литургија Неговата Екселенција г. Зоран Попов приреди свечен прием во Македонската амбасада.