Учениците од Македонската православна богословија во посета на Москва


 


Од 06.07 до 28.07.2007 година, 11 ученици од Македонската православна богословија, заедно со професорот по црковно пеење, Георгиј Секулоски, беа во посета на Москва во рамките на Меѓународната школа за руски јазик и култура, каде ја претставуваа нашата Татковина. Сместени беа во детскиот комплекс Московија, недалеку од Москва, како гости на Правителството на градот. Школата за руски јазик се одржува по петти јубилеен пат. Оваа година беа присутни делегации од 30 земји од Европа и Азија.


 
За време на дваесетдневниот престој во Московија, учениците добро го совладаа рускиот јазик, благодарејќи на засилениот курс и добрите учители. Дел од секојдневните активности беше и спортот. Беа организирани екскурзии во Москва при што се посетија голем број на знаменитости како: Кремљ, Храм на Христа Спасителот, Црвениот плоштад, Словенскиот плоштад, Новодевички манастир, Кусково,  црквата Сите Светии, Александриското подворје и мн. др.


Одржан беше и фестивал на националните култури на кој ние се претставивме со песните „Свјат, Свјат, Свјат, Господ Саваот“, и старата македонска песна, „Елено ќерко“. Претставени беа и македонски носии од повеќе краишта на нашата земја.


Најубавото доживување од Московија беа другарствата. Нашата македонска делегација се спријатели со многу учесници: од Србија, Бугарија, Русија, но најмногу со Грузиската делегација. Сето тоа му го должиме на Светиот Дух, Кој секогаш ги обединува душите на христијаните и благодарение на Неговата благодат се збратимуваме. Децата од Грузија станаа наши братја и сестри кои секогаш ќе ги помниме, заедно со моментите поминати со нив.


Известува: Антонио Лазески