
ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ – ЗА ТАЈНАТА НА ЧОВЕЧКАТА ДУША
Оптинските старци знаеле една важна тајна: човек може да изгледа како страшно чудовиште и последен ништожник. Неговите постапки можат да бидат несмасни, а мислите – неразумни. Но, и покрај сè, некаде длабоко во него сепак живее светло сонце, љубов и едно мало, добро дете!
Оптинските старци ја знаеле големата тајна на човечката душа – нејзиното Небесно достоинство!
Кога игуменијата од Шамордино му раскажувала на преподобниот Амвросиј дека во манастирот доаѓаат многу тешки и сложени сестри, тој одговарал:
„Мермер и железо – кај нас сè ќе најде свое место!“
Односно, во секој човек постои своја посебна убавина, своја единствена вредност, свој неповторлив образец на душата!
Тоа е она за што подоцна пишувал од прогонство и светиот Атанасиј Ковровски:
„Во светот, всушност, нема ништо бескорисно, непотребно или бесмислено! Сè има своја смисла, значење и предназначение! Не можам да прифатам дека постојат луѓе кои се непотребни и бескорисни. Мислам дека нема човек кој барем еднаш во животот не му послужил на некого – макар и со чаша студена вода! А ако послужил, тогаш можеби токму заради тоа добро дело му бил даден и животот, и тој не ја изгубил својата награда...
А ако некој, можеби, во целиот свој живот не подал ниту една чаша вода – сепак, некој друг му подал нему! Тогаш, значи, смислата и користа од тој, навидум бескорисен живот, била во тоа што друг човек направил добро дело токму заради него...
“Оптинските старци нè учат во сè да го гледаме Божјиот Промисл. Нè учат да ја бараме длабочината, смислата и вистинитоста на животот. Ни помагаат да стекнеме и да ја вселиме љубовта во своето срце.
И нè потсетуваат дека во животот треба да одиме по средниот, царски пат.
Преподобниот Амвросиј ѝ велел на една монахиња:„Мелитона! Држи се до средниот тон! Ако земеш високо – ќе биде тешко! Ако земеш ниско – ќе биде лизгаво!
Мелитона! Држи се до средниот тон!“
А преподобниот Варсонофиј потсетувал:
„Сите наши старци секогаш велеле: ‘Смирувајте се! Смирувајте се!’ Овие две добродетели – љубовта и смирението – толку се условуваат една со друга, како што се условуваат топлината и светлината!“
Токму од таа топлина на љубовта и светлина на смирението толку многу недостасува во нашиот живот!
Секој од нас знае: кога во срцето нема љубов, кога во него има само студ и себичност, односите со ближните носат разочарување, празнина и бесмисленост.
А кога постои макар и една искра љубов, тогаш секоја средба станува откривање – новост, длабочина и радост!
Можеш да си направиш и жуљеви на прстите од бројаницата, можеш да ја разбиеш главата од безброј поклони, можеш и со глад да се измачуваш – но ако не му се насмееш на човекот што Бог го испратил на твојот животен пат, ако не му подадеш рака, ако не го сослушаш со сочувство – сè е залудно, сè е празно..
.— Игумен Тихон (Борисов)
АЛ Главната нишка на текстот, според мене, е прекрасна: човекот не смее да се гледа само според она што моментално го покажува. Старците гледале подлабоко – кон она што Бог го вложил во него и што сè уште може да се разбуди.И затоа завршната мисла е особено силна: духовниот живот не се мери само со подвигот што го правиме во осаменост, туку и со љубовта што ја покажуваме кон човекот што ни е даден на патот.