
Има мигови кога душата се уморува не затоа што се случиле премногу големи нешта, туку затоа што се насобрале премногу мали нешта. Еден збор што останал во нас. Една болка што ја носиме предолго. Еден страв за кој никој не знае. Една вина што повторно и повторно се враќа. И човекот продолжува напред, зборува, се насмевнува, си ја врши работата, но внатре чувствува дека носи повеќе отколку што може да издржи.
Можеби токму тука е потребно малку да застане. Не да побегне од животот, туку искрено да се соочи со него. Што сè уште боли? Што не е простено? Што треба да се каже на исповед? Која рана секогаш повторно се допира, а сепак останува скриена? Понекогаш душата не бара објаснувања, туку само простор да здивне.
Вистинската молитва не мора да биде убава. Може да биде само ова: „Господи, тешко ми е.“ И можеби токму одовде започнува нешто. Кога човекот повеќе не се обидува да изгледа силен пред Бога, срцето поинаку се смирува. Простувањето започнува тешко, исповедта боли, но и ослободува.
Не сè што притиска треба да се носи до крај. Некои работи треба да се остават, да се исплачат, да се простат и да Му се предадат на Бога. Инаку, душата почнува да верува дека нејзиниот товар е самиот нејзин живот. А не е.Кога простувањето не значи да се вратиш во истата ранаПостои еден вид умор што се појавува кога човекот повторно и повторно е повредуван, а од него секојпат се бара да прости. Во еден момент се појавува бунтот: „До кога?“ И ова прашање не е без вистина. Простувањето не значи бескрајно да се враќаш на местото каде што си скршен.
Понекогаш добрината се меша со живот без граници. Човекот молчи, трпи, премолчува и вели дека простува, но внатре огорченоста расте. А она што не е кажано навреме, подоцна се претвора во студенило, избувнување или желба за одмазда.
Вистинското простување не бара да го негираш злото. Може да постои простување и дистанца. Љубов и граница. Молитва за другиот и одбивање повеќе да учествуваш во истата рана. Бог не бара човекот да го нарекува насилството „крст“, а уништувањето „трпение“.
Најтешкото простување започнува тогаш кога срцето ќе каже: „Не сакам повеќе да го носам овој отров.“ Не за да го ослободи другиот од одговорност, туку за да ја спаси сопствената душа од врзаноста за злото што го примила.
Мајка Силуана Влад
Подготви С.Стефковски