Охрид, 20.07.2007 г.


Соборна црква Св. Софија, Охрид


Црквата Св. Софија во Охрид е Соборен храм на охридските архиепископи. Во неа е прогласено и возобновувањето на Охридската Архиепископија, во
1958 година. Во Св. Софија се востоличувале охридските архиепископи, а и сега во неа се востоличуваат поглаварите на Македонската  Православна Црква.


Оваа катедрална црква е еден од најголемите комплекси на фрескоживопис на византиската уметност во Европа, од XI век. Фреските од XI и од XIV се од исклучително значење и тие наоѓаат место во сите научни изданија.


Црквата посветена на Света Софија, што значи Божјата Премудрост – Господ Исус Христос. Изградена е во X век врз темелите на ранохристијанска базилика. Кон крајот на  X век, кога македонскиот цар Самоил ја пренел својата престолнина од Преспа во Охрид, таа била катедрална патријаршиска црква. Денешниот изглед е од времето на Охридскиот Архиепископ Леон (1037/56).

 
Во 1991 година катедралата и беше вратена на Македонската Православна Црква и беше преосветена и возобновенз. Сега е со постојан богослужбен живот и со крст над покривот, којшто бил симнат еднаш од туѓинци и друговерци - при нејзиното претворање во џамија, и вторпат од нашинци безбожници, при нејзиното претворање во концертна сала и музеј.


Според проф. Др. Ратомир Гроздановски



пп