За духовната состојба на денешните христијани

Што направивме за својот духовен живот?
Ништо. Во најдобар случај, сме направиле некои надворешни дела што не влијаат врз нашите страсти, ниту врз нашето его. Не го познаваме Божјото Слово, не ги познаваме Светите Отци, не се молиме како што треба и не се подвизуваме, туку целиот живот го трошиме на минливи и безначајни работи.
Затоа Господ и вели:
„Пазете да не ви отежнат срцата од прејадување, пијанство и од грижите на овој живот.
“Живеејќи така, на човекот му се чини дека и не прави некои големи гревови. Но, во стварноста, тој целосно Го заборава Бога и станува безбожник во вистинската смисла на зборот
.Некој се крие од Бога во шахот, друг во спортот, трет во телевизијата, четврти во нешто друго – и така останува без Него.
А телевизијата, радиото (денес телефоните и интернетот) – сето тоа сатаната го искористува за да го оддалечи човекот од Бога.
Човекот би можел да се помоли, но наместо тоа гледа циркус, нечии безумности или собира вести од целиот свет, а секој ден има нешто ново.
Јасно е дека сатаната ги победува луѓето преку суетата и расеаноста.
Штом човек ќе се разбуди, веќе го преплавуваат вести од целиот свет.
Додека се облекува и се мие, неговата глава е веќе исполнета со празни информации – духовна „гума за џвакање“ што не го заситува, туку само го држи постојано зафатен.
Потоа доаѓа работата, каде што повторно нема време за сеќавање на Бога.
По работата – купување, јадење, пиење, домашни обврски.Потоа повторно телевизија, радио или бескрајно прелистување по телефоните...
И така, преполн со секакви впечатоци и грижи, човекот во полусвесна состојба легнува да спие.
Секако, повеќе нема време за молитва.А уште помалку за читање на Светото Писмо или на Светите Отци.
И ако застане на молитва, не може да се моли – нема внимание, нема скрушеност на срцето, нема внатрешна собраност.
Така човекот, заробен од суетата, целиот ден му служи на ѓаволот.
Не случајно во утринските молитви читаме:
„Избави ме од ѓаволската брзоплетост.“
Токму таа ѓаволска брзина и непрестајна зафатеност постепено го уништува човекот.
И најчесто не го уништува преку големи гревови – како кражба, прељуба или други тешки престапи – туку преку суетата, преку духовната испразнетост и постојаната расеаност.
Ако не сме со Бога, тогаш сме со ѓаволот.
Тешко е да се натера еден чесен човек да направи очигледно злосторство или тежок неморален чин.
Затоа ѓаволот ја постигнува својата цел на поинаков начин – така што го заплеткува човекот во суетата на овој свет.—
Игумен Никон (Воробјов)
За Премин портал Симеон Стефковски
19.07.2026