Бог во другиот
Духовните очи ни се затворени, па не можеме да разбереме дека секој човек што ни е испратен во животот е наш избавител, а не наш егзекутор. Тешко е ова да се сфати, а уште потешко да се живее во таа насока. Затоа толку често мислиме дека луѓето околу нас се наша казна, дека живееме во погрешно време, дека сме онеправдани и неразбрани.
И ќе останеме во таа мисла сè додека не го пронајдеме Бога — односно спасението — во другиот. Сè додека тоа не се случи, ќе минуваме низ исти патешествија, повторно и повторно, како да учиме една иста лекција која упорно ја одложуваме.
Но Бог е долготрпелив и многумилостив. Тој не нè остава во нашите заблуди, туку нè води, нè обликува и нè подготвува — не само за овој краток и минлив живот, туку за вечноста, за Царството Небесно. И сè што ни се случува, на еден или друг начин, е во служба на нашето спасение, сè додека конечно не бидеме избавени.

П. С. Еднаш раскажував една стара приказна за бракот: сопружниците се како остри камења ставени во иста вреќа, која постојано некој ја тресе. Со тек на време, или ќе се изгладат еден од друг, па ќе останат заедно во вреќата, или ќе ја искинат и ќе се распрснат надвор, по патот.
И така, на некој начин, е со сè во нашиот живот — секоја средба, секој однос, секоја тешкотија… е тресење на таа вреќа во која учиме дали ќе се изгладиме или ќе се распаднеме.
Симеон Стефковски