Patot.na.podviznikot98

Единствената револуција


            За некого, јас сум само уште еден романтичен занесеник што талка по социјалните мрежи и објавува духовни пораки, како да не живее во истиот свет. Кој споделува и пишува за љубов, смирение и преобразба, додека светот околу нас тоне во неправда, страв и исцрпеност. И да — од една страна, тоа е точно. Реалноста навистина е тешка. Но од друга страна, токму затоа овие зборови се неопходни.
            Сè што споделувам не е бегство од животот, туку обид да се сочува неговото вистинско човечко јадро. Тоа се беседи и поуки во кои верувам, иако сè уште се борам да ги живеам. Зашто духовната вистина не се мери по тоа колку сме совршени, туку по тоа колку сме искрени пред себе.
         Зборовите на мојот дедо Наум не се романтична утеха за слаби души, туку трезвена и длабока опсервација на човекот и општеството. Тие нè потсетуваат дека ниту една криза не започнува однадвор — таа секогаш прво се раѓа во срцето на човекот.
Човечките страсти, а особено гордоста, се тивка, но разорна лепра. Тие го распаѓаат и поединецот и заедницата. Кога не сме свесни за нив, постојано бараме виновници надвор од себе: во политиката, во системите, во „другите“. А така општеството станува збир од повредени егоа што викаат за правда, без да се подготвени за покајание.
            Мора еден ден да застанеме и да си кажеме:
Доста е. Вака не оди. Ако не сум добар човек, не можам да создавам ни добро општество.
Затоа, кога слушам за револуции, преврати и војни, не гледам надеж — туку повторување на истата трагедија. Историјата нè научи дека насилната промена на системи не го менува човекот. А неменливиот човек секогаш ќе создава исто неправедно општество, без оглед на идеологијата.
           Единствената револуција што ја признавам е онаа што започнува во тишината на совеста. Борбата со сопствената гордост, со лицемерието, со рамнодушноста. Христос не го промени светот со меч, туку со Крст. Со страдање, со жртва и со љубов што не бара оправдување.
         И затоа, додека светот никогаш не бил подлабоко нурнат во социјална, душевна и духовна агонија, принципот што може да го спаси останува ист и непроменет:
општеството се менува само тогаш кога човекот ќе се осмели да каже — јас сум проблемот, и од мене мора да започне промената.
И додека светот вреска за нови револуции, нови лидери и нови непријатели, вистината останува иста: злото не започнува во системите, туку во срцето што одбива да се покае.
       
Општеството не пропаѓа затоа што нема идеологии, туку затоа што нема совест. Нема мир, затоа што нема смирение. Нема правда, затоа што секој сака да суди, а никој да се преиспита.
Христос не дојде да го спаси системот, туку човекот. И сè додека човекот бега од таа вистина, светот ќе продолжи да се распаѓа, без оглед на тоа колку гласно зборуваме за промена.

 

 fb Симеон Стефковски

30.01.2026