ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ    

 Тропар на влегување
 на Господ Исус Христос во Ерусалим
Цветници
(шеста недела на Великиот пост)

глас 1
Христе Боже,  за да  нé увериш
во општото воскресение,
пред Твоето страдање  го воскресна Лазара од мртвите.
Затоа и ние, како децата носејќи ги знаците на победата,
Ти пееме Тебе, Победителу на смртта:
 Осана  во висините, Благословен е Оној  што доаѓа
во името на Господа.


 
Извор МПЦ-ОА

Тропар на преподобната мајка Антуса
25/04/2024

12 април / 25 април

 

Бисеру девственички, која со

благодатта Божја непријателот го надитри,

срцето го смири и го научи трпеливо

Женикот да Го бара, Антусо блажена,

те молиме и нас да ни послужиш

пред престолот Господов

по твоите свети молитви

Спасителот да нѐ помилува.

 

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 

 Тропар на светиот отец
Целестин Папа Римски
8 април / 24 април

Умот твој озарен од Божјата благодат
ја спозна слободата која Христос
ја дарува на оние кои одат во вистината, свети Целестине,
и ревноста те направи сотрудник на Словото,
кое преку тебе се сведочеше на верните.
За нас моли се сега да останеме на истиот пат
кој нѐ води кон Вечната Светлина.

 



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на преподобниот отец Исаак Сириски нов
25/04/2024

12 април / 25 април

 

Ноќта во ден ја претвори при својот

земен живот Исааке свети подвижниче,

кога на молитва пребивајќи,

 Духот тајните на срцата човечки

за нивно спасение ти ги откриваше.

И сега за сите моли се ти, од Бога облагодатен,

да се исправат патиштата наши по твоите свети молитви.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на преподобниот отец

Акакиј нови Кавсокаливит
25/04/2024

12 април / 25 април

Науката Христова место најде во срцето твое

кого благодатта го очисти и припреми

за познание на Вистината, о Акакие оче наш преподобен.

Постанувајќи сведок Христов за многумина,

кон спасение ги укрепи оние кои на тебе биле доверени,

затоа Господ и нас да нѐ прибере по твоите свети молитви.

  

 

 

 





Тропар на светиот Христов свештеномаченик

Зинон епископ Веронски
25/04/2024

12 април / 25 април
 

Угодниче Божји, ревнителу за верата Православна

Зиноне свети, тебе Спасителот те направи тврдина

на вистината, кого прелеста од овој свет не го надмудри,

туку паствата ја водеше кон Оној Кој ја дарува слободата.

Затоа свети чудотворче на тебе се надеваме

пред Господа во сите векови.

 

 Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 

 

 Тропар на преподобна Атанасија

игуманија
25/04/2024

12 / 25 април

 
Бесмртна невесто на Бесмртниот Женик Христос,

блажена Атанасие игумание,

на Ангелите достојна сожителке,

која со голем труд Царството Небесно го достигна,

со подвизите на пост и молитва.

Затоа на Небесата сега достојно се радуваш,

 во блажените живеалишта на Небесниот Цар,

и Го молиш Спасителот за оние

 што твојот свет спомен  со љубов го празнуваат.



 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Од Верскиот календар на МПЦ (12.04.2024)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

 

ПреминПортал

2024 лето Господово

Од Верскиот календар:

cvetnici1.jpg

Влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим – Цветници

 vozdvizenie.jpg

Светите апостоли Иродион, Руф, Асинкрит, Флегонт и Ермиј

Сите беа од Седумдесеттемина апостоли. Св. апостол Павле ги спомнува во своите Посланија. „Поздравете го", им пишува Павле на Римјаните, „мојот роднина Иродион" (16, 11). Иродион пострада од Евреите многу како епископ Неопатарски; го биеја со стапови по главите, со камења по усните, го бодеа со ножови. И кога го оставија како мртов, Свети Иродион стана и продолжи да им служи на апостолите. Во Рим му помагаше на Св. апостол Петар. Го убија заедно со многумина други христијани истиот ден кога беше распнат Петар.
Свети Агав имаше пророчки дух. Во Делата Апостолски се спомнуваат неговите две пророштва. Прво, прорече голем глад по сиот свет, кое и се случи во времето на кесарот Клавдиј. И второ, кога во Кесарија се сретна со апостолот Павле којшто одеше за Ерусалим, Агав го зеде Павловиот појас, си ги врза себеси рацете и нозете, велејќи: „Вака вели Светиот Дух: човекот чијшто појас е ова вака ќе го врзат во Ерусалим Евреите" (Дела 21, 11).
Свети Руф беше епископ во Тива Јудејска. И него го спомнува апостолот Павле: „Поздравете го Руф, избраниот во Господ" (Рим. 16, 13). Беше епископ во Ирканија азиска.
Свети Флегонт, кој се спомнува на истото место, беше епископ во тракискиот град Маратон.
Свети Ермиј спомнат со останатите, беше епископ во Далмација.
Сите тие како пчели Христови го разнесуваа медот на Евангелието по разни краишта, страдајќи многу за љубовта Христова. Сите се преселија во вечното царство на љубениот Христос.

Свети Нифонт, епископ Новгородски

Се одликуваше со голема ревност во изградбата и поправката на црковните храмови и со голема храброст во спротиставувањето на силните кнезови. Тринаесет дена пред смртта му се јави Св. Теодосиј и му ја навести близината на неговото преминување во оној свет. Се упокои во 1156 година.

Свети Келестин, папа Римски

Голем ревнител на православната вера. За време на Третиот Вселенски Собор напиша послание против еретикот Несториј. Се упокои мирно во 432 година.