Тропар на светата преподобна
Ксенија Римјанка
 24 јануари /6 февруари

3.angeli.so.truba

Туѓинка на земјата,
и блажена жителка на небесата,
во љубовта божествена сите ги надмина,
Ксение преподобна,
како грлица верна на Христа до крај му остана,
и живеејќи на земјата за ништо земно не се врза.
Затоа, блажена девице,
моли се за нас кои со љубов
твојот спомен  го почитуваме.




Извор МПЦ-ОА
Манастир св Јован Крстител Слепче

 

Тропар на светиот
Христов преподобен отец
Дионисиј Олимпски
24 јануари / 6 февруари

3.angeli.so.truba

Ученику Христов, Дионисие преподобен,
ти ја позна реката на благодатта
која Бог ја излива над родот човечки,
напојувајќи се – младоста на Господовата
мудрост ја посвети, за да нам во зрелоста на годините
нѐ водиш кон Бога – изворот на Животот.
Мноштво поуки од подвигот спасоносен гледајќи во тебе,
на твоите молитви оче свети се надеваме,
кои од Христа измолуваат
простување на нашите прегрешенија.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
Христов подвижник Македониј
24 јануари / 06 февруари

3.angeli.so.truba

Гледајќи ја тагата од овој свет,
се зарадува душата твоја о Македоние,
кога дозна дека овде свое прибежиште немаме,
туку го чекаме она кое ќе дојде.
Затоа поита да странствуваш заради Христа и Царството Небесно,
молејќи се непрестано и благодарејќи на Господа,
за милоста излеана на родот човечки,
по твоите свети молитви.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче 

 

 Тропар на светиот
Христов свештеномаченик
Вавил Сицилиски
24 јануари / 6 февруари

3.angeli.so.truba

Доброволно на себе подвиг на сиромаштво земајќи,
се ослободи од бремето светско,
о Вавиле преподобен оче наш,
благодатта најде место во срцето твое,
па Христос те направи пастир и свој исповедник,
а ти молејќи се Него го прослави пред незнаењето човечко. Сега откако венец прими од Владиката,
моли се за нас свети свештеномачениче,
да се спасат нашите души.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на света Ксенија Петeрбуршка
Христа ради јуродива
24 јануари / 6 февруари

Глас 4
Засакувајќи го сиромаштвото заради Христа,
сега се насладуваш на бесмртната трпеза,
со привидното безумие, безумието на светот го изобличи,
со крсното смирение Божјата сила ја прими.
Поради тоа стекна дар на чудотворна помош,
Ксение блажена, моли Го Христа Бога
да нé избави од секое зло преку покајание.

 
Извор МПЦ-ОА

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Од Верскиот календар на МПЦ (06.02.2024)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2024 лето Господово

Од Верскиот календар:

 

 

Преподобна Ксенија

Родена е во Рим како единица ќерка на прочуен сенатор. Привлечена од љубовта Христова не сакаше да стапи во брак како што сакаа нејзините родители и за да ја избегне мажачката побегна од дома тајно со своите две робинки, па отиде на островот Коа во местото Милас. Овде основа обител на девици што се подвизуваа во христовподобувањето. Иако беше жена, имаше машка издржливост во постот, молитвата и бдеењето. Често стоеше на молитва по цела ноќ. Беше облечена посиромашно од сите сестри, а врз лебот што го јадеше често истураше пепел од кадилницата. Во мигот на смртта (+ 455 г.) над манастирот се појави прекрасен знак: венец од ѕвезди со крст во средината, поблескав од сонце. Од нејзините мошти мнозина болни добија исцеление. Нејзините робинки го следеа примерот на својата игуманија и кога умреа беа погребани, според нивната желба, крај нозете на блажената Ксенија.

 

Светиот маченик Вавила

Свештеник во Сицилија. Пострада за Христа со двајца свои ученици во 3 век.

Преподобен Македониј

Сириски пустиник. Дури на старост се хранеше со печен леб, а пред тоа јадеше само јачменови зрна наквасени во вода. Се упокои во 418 година.

 

Преподобен Дионисиј Олимписки, Чудотоворец

Се подвизуваше на Олимп. За монах потстрижен на Света Гора, каде што беше игумен на манастирот Филотеј. Пред крајот на животот повторно се повлече во осама на Олимп, каде што и се упокои во 14 век.